Претседателот Володимир Зеленски упати страстен апел до западните сојузници на Украина да и помогнат да ја зајакне својата воздушна одбрана за да ги зачува безбедни градовите.
Единаесет лица загинаа откако две бомби погодија продавница во станбена област на градот, изјави регионалниот гувернер Олех Синехубов на националната телевизија. Најмалку двајца од загинатите биле вработени во продавница. Во нападот беа повредени 40 лица.
Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека во продавницата во моментот на бомбашкиот напад имало 120 луѓе. „Нападот беше насочен кон трговскиот центар, каде имаше многу луѓе, ова е очигледен тероризам“, изјави Терехов.
Синехубов објави дека во раните вечерни часови ракета погоди станбена зграда во центарот на градот со 1,3 милиони жители, при што беа повредени 18 лица. Ракетата предизвикала кратер длабок неколку метри во тротоарот пред зградата, во која имало и пошта, салон за убавина и кафуле.
Харков е на само 30 километри од границата со Русија и со недели е цел на руски напади. Овој месец, руските сили, започнаа со пробивање во северните делови на Харковската област. Во својата видео-порака во текот на ноќта, Зеленски го осуди нападот како „уште еден пример на руско лудило“, велејќи дека „нема друг начин да се опише“.
„Кога им велиме на светските лидери дека на Украина и е потребна соодветна противвоздушна одбрана, кога велиме дека ни се потребни вистински, решителни мерки кои ќе ни овозможат да го заштитиме нашиот народ, така што руските терористи не можат ни да се приближат до нашата граница, ние зборуваме за тоа да не дозволиме вакви напади да се повторат“, рече тој.
Москва негира дека намерно гаѓа цивили, но илјадници се убиени и повредени за време на нејзината 27-месечна инвазија на Украина.