вторник, 22 октомври 2024

Британскиот премиер: Пред Северна Ирска е посветла иднина

Пред Северна Ирска е „посветла иднина“ со повторното воспоставување на децентрализирана влада по две години застој, изјави вчера британскиот премиер Риши Сунак за време на посетата на Белфаст.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мишел О’Нил од Шин Фејн беше назначена за прва министерка во саботата. Тоа беше првпат некој од редовите на ирските националисти да седне на тоа место, во историска пресвртница за тој дел од Обединетото Кралство.

Поделбата на власта во регионот беше клучен дел од мировниот договор од 1998 година, кој стави крај на децениското политичко и секташко насилство.

Владата на Сунак посредуваше во договорот со пробританската Демократска унионистичка партија (ДУП) за да се овозможи враќање на поделбата на власта со олеснување на трговските спорови по брегзит.

„Сите работеа напорно за да дојдеме до овој момент, сите се посветени на тоа договорот да успее“ за доброто на народот на „Северна Ирска кои предолго беа без својата децентрализирана влада“, рече британскиот премиер Сунак.

Шин Фејн е поранешно политичко крило на Ирската републиканска армија (ИРА), која се залага од двете страни на ирската граница за крај на британското владеење во Северна Ирска и создавање на обединета Ирска.

О’Нил за Скај њуз изјави дека „можеме да ја поделиме власта, можеме да ја направиме стабилна, можеме да работиме заедно секој ден во однос на јавните услуги и во исто време да ги следиме нашите подеднакво легитимни аспирации“, рече таа.

Сунак, сепак, рече дека фокусот треба да биде на јавниот сервис и дека „сите се посветени на Договорот од Велики петок во Белфаст, но мислам дека сите се согласуваат дека сега е време да се фокусираме на решавање на секојдневните прашања што се важни за луѓето, за семејствата и компаниите во Северна Ирска“.

Сунак денеска треба да се сретне со О’Нил и со заменичката на ДУП, Ема Литл-Пенгали, соопшти неговиот кабинет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ