„Оваа влада ќе го почне најголемото и најдолго континуирано зголемување на трошоците за одбраната од крајот на Студената војна“, рече Стармер во парламентот.
Промената во британската одбранбена стратегија доаѓа пред патувањето на Стармер во Соединетите Држави, каде што в четврток ќе се сретне со претседателот Доналд Трамп, кој постојано ги повикува членките на НАТО, меѓу кои е и Британија, да ги зголемат трошоците за одбраната.
Европските лидери беа затекнати во почетокот на овој месец кога администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, предизвикувајќи бура од дипломатски активности.
Стармер рече дека треба да се донесат тешки одлуки во интерес на националната безбедност и дека ќе се обезбеди зголемено финансирање за војската со намалување на буџетот за развојна помош од 0,5 отсто на 0,3 отсто од БДП во 2027 година.
„Исто така, ќе поставиме јасна цел да ги зголемиме трошоците за одбрана на 3 отсто од БДП во следниот парламентарен мандат“, додаде тој.
По Втората светска војна и Студената војна, британските влади ги намалуваа трошоците за одбрана, додека ги зголемуваа инвестициите во здравството, социјалната заштита и образованието.
Велика Британија последен пат одвои три проценти од БДП за одбраната во 1993/94 година.