петок, 18 октомври 2024
Интервју

Бранислав Брајан Рашиќ, рок фотограф: Рок музиката не може повеќе да биде револуционерна

Објавено на

часот

Сподели

Бранислав Брајан Рашиќ е неизбежно име во светската рок енциклопедија, кој со својот објектив овековечил некои од најзначајните моменти во рок историјата во последните четири децении. Нема позначаен поп и рок артист кој не застанал мирно пред неговиот апарат и послушно слушал што му кажувал – како да се намести – додека го портретрирал. Бил официјален фотограф на Ролинг Стоунси, Дејвид Боуви, Пол Мекартни, Барбара Стрејсед, Дејвид Гилмур, Алис Купер, Керол Кинг, Тиарс фор Фиарс и многу други.

Големиот вљубеник во рок музиката, за својата фотографска страст вели:

„Луѓето ме прашуваа зошто не сум во некој бенд, но, јас самао сакав да слушам музика и никогаш немав намера да земам нешто да свирам. Мојата љубов беа плочите, музиката, а потоа се случи фотографијата“.

Бранислав или Брајан веќе неколку години како е пензионер, кој се вратил да живее во родниот Белград, иако сè уште е на редовна линија Белград-Лондон, за да ги посети двете ќерки и внуката Кензи. И, секако, да следи што се случува на музичката и концертната сцена во Лондон. Така и го започнуваме разговорот за Рес публика.

Бранислав, пред неколку дена на својот Инстаграм профил објави фотографија од повратничкиот концерт на АББА „Војаж“. После ова изминато време, дали сè уште те држат впечатоците од она што го виде?

Она што го видов на концертот не е нормално! Бев воодушевен од самиот почеток на концертот, кога Бјорн, додека свиреше на клавир, ѝ се обрати на публиката со зборовите Јас сум вистинки (“It is really me”). Сè уште не ми е јасно како е направено членовите на АББА да шетаат по бината, да ѝ се обраќаат на лондонската публика, да разговараат со неа, да постои интеракција. Дали е тоа холограм, што ли е? Но, тие изгледаа како да се вистински на сцената. Покрај тоа, специјално за овој концерт беше изградена и посебна арена. Никогаш не сум бил некој фан на АББА, не сум слушал таква музика, но она што го видов на концерот беше шок за мене, грутка во грлото, солзи во очите… Се потсетив на 1974 година, кога првпат го слушнав нивниот албум во продавница за плочи во Цирих. Во животот сум гледал околу 8.000 концерти, но никогаш не сум видел нешто слично како на овој концерт. Неверојатно е колку технологијата напредувала и после ова, прашање е што е следно? Да ги гледаме Битлси или Елвис на концерт како да се живи и да настапуваат во живо. Не ако, туку кога Битлси повторно ќе настапат, тоа ќе биде неверојатно. Џон Ленон повторно на сцена.

Она што беше уште пошокантно за мене, кога минатиот мај го гледав „Војаж“, беше помислата што ќе се случи кога целата оваа технологија во иднина ќе се спушти на некое микро ниво и ќе постане широко достапна; како што Интернетот најпрво беше наменет за затворени воени и научни кругови, а денес е достапен за сите, така ќе биде и со оваа технологија која првпат ја видовме на концертот на АББА. За очекување е за неколку децении внуците и правнуците да седат на тросед со својот одамна починат прадедо или ден по закопувањето на родителот, заедно да пијат кафе и да разговараат за тоа како му е во задгробниот живот. Комбинацијата на вештачка интелигенција и дип фејкот ќе создаде сосема нов виртуелен универзум.

Никој не може да претпостави што и како ќе се развива и што иднината ќе донесе. Денес има многу слики од секого на Интернет и кој знае што може да се направи од тоа.

Од локален бармен до светски фотограф

д

 Од блиската иднина, да се вратиме во блиското минато и твоето селење во Лондон. Кога првпат пристигна во Лондон и дали веднаш реши да пуштиш сидро во Темза?

– Во периодот околу 1978 година, преку студентска задруга, јас работев во туристичката агенција Југотурс и имав месечни приходи од милион и сто илјади динари, а за да се дојде во Лондон, тогаш еднонеделен аранжман преку Југотурс чинеше 450.000 динари. Мене ме чинеше само 150 илјади динари, бидејќи Југотурс беше дел од Генекс, кој имаше свои патнички авиони, така што летот ми беше бесплатен. Обично во Лондон останував по 5-6 дена, во кои одлично се забавував. Доаѓав на Оксфорд стрит, потоа малку шетав на Пикадили. Но, што беше пресудно? Јас тогаш сликав многу фотографии, секогаш имав фото апарат со мене. Во близина на хотелот Ројал Национал, каде што престојував, постоеше продавницата каде што се развиваа филмовите и јас таму ги оставав негативите за да ми се направат фотографии. Во таа продавница запознав една девојка, се викаше Ники Хјуит, која работеше таму и која се заљуби во мене. И тогаш почнавме да се допишуваме, а Интернет во тоа време беше писмо, сè додека таа не ме повика да дојдам кај неа да ја прославам новата 1979 година, што јас го прифатив. Потоа, при секоја моја наредна посета на Лондон јас одседнував кај нив, сè до еден ден, кога нејзиниот татко Џорџ, не ме праша зошто не се преселам трајно во Лондон, бидејќи наскоро нема да биде добро во Југославија. Тогаш Тито веќе беше во болница и се очекуваше да умре. Се чувствуваше дека атмосферата не е иста како што беше до тогаш, некои работи почнаа да се случуваат или насетуваат. И тогаш решив да купам карта во еден правец, да дојдам во Лондон и да останам до денес.

д

Со што се занимаваше во тој период? Претпоставувам дека почетокот е класична приказна, својствена за многу млади луѓе, кои доаѓаат во Лондон од различни делови на светот, со најразлични амбиции, и прво почнуваат да работат во кафулиња, пабови, ресторани?

– Јас само еднаш имав работено како шанкер во ресторант. Недалеку од местото каде што сега седиме, имаше ресторан „Рајн Голд“ чиј сопственик беше извесен Евреин Фред. Додека работев во тој ресторан, веќе почнав да одам на концерти и да фотографирам, а бидејќи во ресторанот работев само во четврток, петок и сабота, концертите често се поклопуваа со вечерните часови кога работев. И еден ден газдата Фред ми го рече следново: „Ако продолжиш да работиш во ресторанот како шанкер, еден ден ќе управуваш со овој локал, ќе бидеш број еден. Но, треба да одлучиш што сакаш да работиш. Не можам да прифатам да отсуствуваш од ресторанот во сабота навечер бидејќи тогаш одиш на концерти“. Мене, во тоа време, веќе почнаа да ми пристигнуваат пари од Белград, каде објавував рок фотографии за списанието Џубокс, така што решив да ја изберам рок фотографијата и да ја напуштам работата како шанкер. Навистина, во почетокот, тоа беа смешни пари, но тогаш духовното задоволство ми беше поважно од било што друго.

И тогаш почнува пишувањето на историјата, која, колку е важна за тебе, толку има влијание и на промоцијата на целата таа рок култура на нашите простори, твојот објектив да постане прозорец кон Запад за младите од Југославија. Како доаѓаше до сите тие големи музички звезди да ги фотографираш, а, сега покојниот, Саша Стојановиќ да направи интервјуа со нив? Просто беше нестварно секоја недела во 20 часот на кратки бранови на радио Би-Би-Си 1 да се слуша кој е прв на Топ 20 во Велика Британија за таа недела, а потоа, во следниот број на списанието Рок, да се чита ексклузивно интервју со него.

-Сашо и јас овде бевме познати како Саша и Раша „грозните близнаци“ („terrible twins“), иако сите нè сакаа. Тогаш во Југославија РТБ и Југотон издаваа лиценцни изданија на плочи, а британските дискографски куќи имаа продажба на своите артисти и во Југославија, не како во Германија и Јапонија, но сепак имаа одредена продажба. И ние преку тие фотографии и интервјуа им правевме промоција. Тоа беше бизнис, а ние бевме дел од тој свет. Се сеќавам дека мастер тејпот од албумот на Јуритмикс (Eurhythmics) „Допир“ („Touch) јас го имав земено од студиото во Лондон истата вечер кога беше снимен и го однесов на аеродром, му го дадов на пилотот, а Вељко Деспот, кој беше уредник во Југотон за лиценцните изданија, го чекаше во Загреб. Дента, кога албумот излезе во целиот свет, излезе и кај нас. И, тогаш, нормално беше како промоција на албумот да објавивме постер и интервју со пеачката Ени Ленокс (Any Lenox) во музичкиот магазин „Рок“. Така ние работевме за вас ​младите во Југославија, за да бидете во тек. Сè беше снаоѓање, бидејќи законскиот пат значеше мастер тејпот да нѝ биде задржан во царина два месеци и плочата да биде објавена со задоцнување.

Лондон изгледал како во времето на Чарлс Дикенс

Да зборуваме малку за поширокиот општествен контекст, како тој влијаел на твојот живот и работа во Лондон. Тоа е периодот на пост-панкот и почетоците на новиот бран. Постои филомот „Кадифениот златен рудник“ (Velvet Goldmine), кој е алегорија на хомоеротскиот однос помеѓу Дејвид Боуви и Иги Поп, а во кој Лондон е претставен како да е целиот од свила и кадифе.

Да ти кажам искрено, кога дојдов овде, јас бев на некој начин разочаран. Стаорци трчаа по улиците, бидејќи штрајкуваа ѓубреџиите. Штрајкуваа и рударите, а Маргарет Тачер на сите им ја е.а мајката. Се сеќавам на графитите низ Лондон „Борбата за мир е како борба за невиност“(„Fighting for peace is like fighting for virginity“). Во Хакни живееа луѓе од Бангладеш, кои не знаеа да зборуваат англиски, а нивните деца играа на улица покрај демолирани и изгорени автомобили и натписите „Хирошима 1945 – Хакни 1981“. Денес тој кварт е елитен дел од градот каде живеат богати луѓе. Во тоа време, кога дојдов, Лондон беше како од времето на Чарлс Дикенс, иако политиката не ме интересираше многу, но, сепак, знаев која е Челичната лејди. Што се однесува до музичкиот дел, за мене, кој пораснав слушајќи ги Битлси и Стоунси, ги сакав Цепелин и Дип парпл, таа панк фаза не ме допираше толку многу, повеќе бев по чистиот рок и неговиот ретро дел. Но, кога дојдов во Лондон, открив дека главни групи се некои Каџагугу (Kajagoogoo), Дјуран Дјуран (Duran Duran), Калчр Клаб (Culture Club), Јуритмикс. Се прашував, што е ова, за што се работи!? Но, добра работа е што јас работев со сите нив. Секогаш објективно гледав на тоа кога фотографирав, без разлика дали тоа беше Лимал (Limahl) или Џо Страмер (Joe Strummer). Тоа беа ликови кои морав да ги овековечам, затоа што тие работат нешто; и денес, после сите овие години, од сите овие групи, кои ви ги набројав, имам фотографии од сите нив. Значи, секое лошо беше за некое добро.

д

Дали тоа значи и покрај тоа што твојот вкус за музика не се променил, дека денес со почит гледаш на целата таа музичка сцена од осумдесетите на која тогаш си се исчудувал?

Така е. Затоа што, имајте предвид, дека првата таканаречена музичка УК инвазија на САД беше во шеесеттите години со Битлси, Стоунси и така натаму. Втората инвазија се случува дури во осумдесеттите, кога Јуритмикс, Дјуран Дјуран, Дипеш Мод (Depeche Mode) настапуваа во Америка и ги полнеа стадионите. Значи, нивната музиката тогаш не ми значеше ништо, но денес ја слушам со насмевка на лицето, бидејќи е дел од мојот живот. Тоа е втората и последна британска музичка инвазија на Америка.

Иако планирав подоцна да зборуваме за УК инвазијата на Америка, но, бидејќи веќе ја спомнуваш, би те прашал сега нешто за неа, но не од музички, туку повеќе од социолошки и политички аспект, па дури и со ризик да навлеземе во теорија на заговор. Поранешниот агент на ЦИА, д-р. Џон Колман (John Coleman), во својата книга „Хиерархија на заговорниците: Приказната за Комитетот од 300“ („Conspirators’ Hierarchy: The Story of the Committee of 300“) пишува дека таканаречената британска музичка инвазија на Америка била измислена и спроведена од Институтот Тависток од Лондон и дека тие ги донеле Битлси во САД, како дел од социјален експеримент за перење мозок на американската младина, со цел масовна контрола на умот, за која тие не биле свесни. Според него, и дрогата ЛСД во САД ја донел англискиот филозоф и писател Олдос Хакслекс (Aldous Huxlex), која поетот Ален Гинсберг (Allen Ginsberg) и другите претставници на Бит генерацијата ја популаризирале преку ТВ реклами. Дали некогаш си размислувале подлабоко за рок музиката и нејзиното место во поширок општествен контекст?

Иако не сум запознаен со тоа толкување, не ме чуди ако било така и ако постоела некаква позадина. На таа тема можам да го кажам следново: во 1970 година во Белград го гледав концертот на американската група Блад, Свет енд Тирс (Blood, Sweat and Tears), кои свиреа џез и рок. Тогаш настапуваа и во Загреб и Љубљана. Една година претходно, во 1969 година, беше одржан познатиот фестивал Вудсток, на што ќе се навратам подоцна. Пред неколку години прочитав некаде дека оваа група тогаш дошла да свири во Југославија затоа што биле директно испратени од ЦИА да видат што се случува тука. Зошто е интересен и зошто го спомнувам фестивалот Вудсток? Многу луѓе не знаат, а јас дознав многу години подоцна, кога прочитав во списанието Mojo, дека изведувач кој добил најмногу пари за учество во Вудсток, не бил ниту Сантана, ниту Џими Хендрикс, како што многумина би помислиле, врз основа на она што го гледале на телевизија. Не, најплатени биле Блад, Свет енд Тирс. Не знам дали биле некој проект на ЦИА, но се сеќавам убаво на нивниот концерт во Белград, кој беше на Ташмајдан и каде сите седеа. Јас бев оддалечен десетина метри од бината. Пејачот Дејвид Клејтон-Томас (David Clayton-Thomas) во еден момент отиде до тапанарот, зеде еден гонг кој висеше зад неговиот грб и го фрли во празниот простор меѓу него и публиката. Многу чудно. На никого во публиката не му беше јасно зошто тоа го направил.

д

Можеби да испровоцира некаков гнев, бунтовност или агресивност кај помладиот дел од публиката? Што би рекол Илија Чворовиќ во Балкански шпион да види какво е расположението меѓу народот.

– Кој би го знаел. Но, точно е дека оваа група била ангажирана како шпиони, кои преку музиката доаѓале до некои информации. Во исто време, како што пишуваше во списанието Mojo, тие се најголемиот и најплатениот бенд кој настапувал на Вудсток, меѓутоа, за чудо, не дозволувале никакво фотографирање или снимање на нивниот настап, така што, кога ќе го гледате документарецот за Вудсток, нив ги нема. Сè што настапувало во Вудсток го имате снимено, ги има и Креденс (Creedence) и Џенис Џоплин (Jeniss Joplin) и Мелани (Melanie), но ги нема Блад Свет енд Тирс. Значи дека ништо не е случајно.

Пред малку ме праша за панкот. Една од поуспешните панк групи беа Клеш (Clash), а јас одамна имам слушнато дека покојниот Џо Страмер со парите што ги заработил во Америка го имал купено половина Нотинг Хил Гејт…

Како дел од субкултурата, претставник на антисистемот, противник на естаблишментот, лидер на бунтот и незадоволството на младите преку панк музиката? Можеби и панкот во седумдесетите бил дел од некој проект, сличен на оној од шеесетите, за кој зборувавме во врска со Институтот Тависток?

– Внимавајте и Џони Ротен (Johnny Rotten), пред да се приклучи на Секс Пистолс (Sex Pistolse) свирел симфо рок и имал долга коса. А потоа, преку ноќ, му се случил панкот. Тој отсекогаш важел за голем ројалист, а пееше „Господе чувај ја Кралицата и фашистичкиот режим“ („God save the Queen and fasist regim“). Сето тоа некако оди со оваа твоја приказна. Кога сме веќе кај тоа, ќе ти го кажам и следново. Година или две пред концертот Лајв Еид (Live Aid), го сретнав Боб Гелдоф (Bob Geldof) и го прашав како му оди музицирањето, а тој ми одговори дека свиреле турнеи по М1. М1 е автопат низ Англија и кој ќе ги повикал од локалите покрај автопатот, тие таму настапувале. И потоа се случи Лајв Еид и тој стана Сер Боб Гелдоф и заработи многу пари, иако никогаш ништо не отиде во Етиопија, бидејќи седумте контејнери со храна, што патуваа преку копно, се расипаа. А, сепак, Гелдоф стана милионер и купи акции во Џенерал Форд (General Ford), а пред тоа свиреше на автопатот „Братство и единство“. И тоа само ако го примат. Сите ние што бевме на Лајв Еид купивме билети, дадовме донации, бендовите свиреа за џабе, а Сер Боб Гелдоф си купи акции во Џенерал Форд. Секој кој на било каков начин бил вклучен во таа приказна со Лајв Еид, заработил многу пари, се збогатил, а кобаеги работел за гладните во Етиопија.

Значи и Лајв Еид повторно бил некој проект, кој имал позадина, која, ние наивните, не сме ја разбрале во тоа време?

– Ма, да… А и овој Боно Вокс (Bono Vox) што се топори нешто… Неодамна го гледав во шоуто на Летерман (Letterman), како најавува дека повторно ќе објавуваат стари песни на У2 во акустичен аранжман. Само пари го интересираат, а неговиот слоган е кобаеги „Да ја направиме сиромаштија минато“ („Make poverty history“). А, како одговор на неговата хипокризија, има и книги насловени „Да го направиме Боно минато“ („Make Bono history“), во кои е напишано што сè правел како млад; крадел пари, бил најобичен ирски селанец.

Можеби ќе те изненадам со моето следно прашање, но можеби и ти си бил дел од некој проект зад кој стоела тајна служба?

– Можеби, но не свесно.

д

Тоа те прашувам, бидејќи пред малку спомна дека за британската дискографска индустрија финансиски најважни пазари биле САД, Германија и Јапонија. Тиражите на лиценцните изданија во Југославија биле занемарливи во споредба со САД, Германија и Јапонија, но, сепак, Џубокс, а подоцна и Рок, донесувале ексклузивни интервјуа и фотографии со британските музички звезди, кои, веројатно, биле недостапни за многу списанија во Германија, САД и Јапонија. Можеби сите вие, ​​тогашни музички новинари, сте биле несвесно ставени во функција да ја промовирате британската мека моќ преку рок музиката, како би ѝ се претставел на социјалистичката младина некој друг, поубав, колоритен свет, а што би предизвикало незадоволство, бунт и желба за промена на системот?

– Сега ми поставуваш прашање на кое немам одговор, ме наведуваш да почнам да размислувам за нешто за што досега не сум размислувал. Но, тоа е многу интересно и многу веројатно. Јас не сум се оптеретувал со тоа, туку само сум го работел она што сум го работел. Но, можам да ти кажам дека во Белград едно време се ширеа гласини (и јас сум ги слушнал) дека јас сум бил англиски шпион. И тоа ми го кажа еден сериозен човек од светот на новинарството. Причината за овие гласини, веројатно, била затоа што во тој период јас соработував со Британската амбасада во Белград на продавање фотографии од Ролинг Стоунси за хуманитарни цели. И додека траеше акцијата, јас седев, јадев и спиев по 4-5 дена во британската резиденција. И ова не беше толку одамна, можеби пред десеттина години… Се сеќавам, еден ден одев во резиденцијата, а новинарот, чие име не би го спомнал, ми рече: „А-ха, одиш таму!? Дали знаеш дека низ Белград се мрмори дека си англиски шпион?“. Таквите гласини никогаш не ме допираа, бидејќи јас си знам дека не сум ничиј шпион, но, сепак, лесно можеш да настрадаш, затоа што ќе ти залепат етикета и готов си.

Златните осумдесетти се завршија тажно

д

Ако излеземе од оваа теорија (на заговор) дека рокот бил инструмент во функција за предизвикување политички промени зад Железната завеса, иако еден краток период во САД, за време на Виетнамската војна, и во Европа, при студентскиот бунт од ’68, излегол од контрола и станал антикапиталистичко движење, зарем не е чудно што веднаш штом паднал Берлинскиот ѕид, и рокот, каков што бил дотогаш, престанал да постои, а со самото тоа исчезнала и енергијата која ја ширел и која била субверзивна, ангажирана и имала потенцијал да предизвикува општествени промени? И денес имаме музика која е целосно неспоредлива со она што ѝ претходело.

– Не дозволуваат! Денес ја имате Тејлор Свифт (Taylor Swift), некои Ријани (Riahnne), Лејди Гаги (Lady Gaga), но сето тоа е чиста како солза. Можеби Бијонсе (Byonce) малку фура ангажираност, бидејќи сега е модерно да се биде црнец. Сега, како нешто на црнците да им дадоа и дозволија. Затоа што, замисли, кога во Америка започна целата таа приказна со „И животите на црнците се важни (Black Lives matter), да излезевте и речевте дека и животите на белците се важни. Веднаш ќе ве кенселирале, затоа што тоа не е политички коректно. Значи, работите се менуваат.

– Ти си на некој начин сведок и на тоа и тогашно британското општество и на денешното, да го наречеме построк. Дали мислиш дека во денешниве општествени околности би можеле да се случат Битлси?

Рашиќ: Не, тоа е невозможно! Затоа што денес сè е толку пригушено. Порано го имавте Боб Дилан (Bob Dylan), а кога Дилан ќе напишеше нешто, тоа значеше дека е социјално ангажирано. Тоа веќе не постои, сега сè се оди на сигурно. Сега од тие големи звезди, никој нема јавно да ви каже нешто што не е популарно. Како некој да го осмислил сето тоа, рок музиката повеќе да не биде револуционерна, да не може повеќе да се појави Боб Дилан. А, и за што би пееле? За војната во Украина!?

њ

– Не е исклучено. Еве, кога ќе ја отворите на Интернет официјалната веб-страница на Пет Шоп Бојс (Pet Shop Boys), прво што ќе ви се појави е украинското знаме, а дури потоа ќе се покаже нивната веб презентација. Или, минатата година го гледав Род Стјуарт (Rod Stewart) во О2 Арената во Лондон и во еден момент тој излезе на сцената облечен во сино сако и жолти панталони, додека на големиот екран зад него беше фотографија од Владимир Зеленски.

На сите им е испран мозокот со пропаганда. Се сеќавам, кога беше бомбардирана Југославија, им велам јас на моите овдешни пријатели, кои нон-стоп слушаа вести, дека не е сè така црно-бело и дека Србите не се толку лоши. Знаеш што ми кажаа? „Ти си наш, ние тебе те сакаме, но немој да нѝ ги браниш тие твои Срби!“

После сè, остана ли уште нешто од кредото „Секс, дрога и рокенрол?

– Сето тоа исчезна во времето кога јас ја започнував мојата работа во Лондон. И ако го прашате Кит Ричардс (Kit Richards) и тој ќе ви каже дека тоа било многу одамна. Оне кои тоа го фатија, тоа беше во шеесеттите и седумдесеттите години. Вистина е дека Кит е неуништлив, но сето тоа е далечно минато. Јас го сретнав Дејвид Боуви во 1984 година, кога пееше „Летс денс“ („Let’s dance“), „Чајна грл“ („China girl“). Тоа беше неговиот најпродаван албум, кој тој најмалку го сакаше. Затоа што тоа не е негов албум. Иги Поп (Iggy Pop) му напиша неколку песни, кои беа чиста комерцијала. Пред тоа, Боуви со едната нога беше во гроб. Додека беше во Америка, тој не знаеше за себе, добро што воопшто и остана жив, после толку земање дрога. Него го вратија од таму, го излекуваа, му облекоа одело и тој се појави како господин. Пред него уште беа Сид и Ненси (Sid and Nancy) и во осумдесеттите веќе почнаа калкулациите. Зашто сите кои сакаа да бидат како Кит Ричард, нив веќе ги нема, починати се, а Кит сè уште е тука. Секс, дрога и рокенрол траеше до крајот на седумдесеттите, бидејќи, после тоа, сите тие бендови почнаа во Британија да носат куфери од Америка полни со долари. И веќе немате такви испади, бидејќи музиката стана бизнис што носи многу пари, а ако јас и ти свириме во бенд и знам дека ти се дрогираш, јас ќе те избркам, затоа што нашата работа ќе трпи. Мислам дека денес сè се сведува на лично уживање, кое не смее да пречи, бидејќи во спротивно не можеш да најдеш работа.

Сè се менува, музиката се менува, рокот се трансформира, општествените околности се различни. Колку е променет денешен Лондон во споредба со твојот Лондон од осумдесеттите?

– Лондон денес стана ЦЦТВ град или град на видео надзор, секаде има камери, сè се снима. Со години на автопатите се поставени камери за мерење просечна брзина, и секоја камера снима посебна лента по која се вози. И во моментот кога ќе направиш прекршок, точно знаат каде си, ти ја снимат регистрацијата и ти праќаат казна на домашна адреса. Ова е остров, во кој се спроведува најголемиот експеримент на светот, бидејќи нема каде да избегате. Влегувате преку пристаниште – се чекирате. Влегувате преку аеродром – исто се чекирате. И полека тоа го презема остатокот од светот.

Имам чувство дека секоја страница напишана од Орвел во „1984“ е пресликана овде во реалниот живот, иако Орверл алудирал на тоталитарниот Советски Сојуз, а не на демократска Велика Британија. Свесен сум дека јас како поединец сум небитен, но ако сакаат овдешните служби да ме следат, можат точно да имаат увид во секој мој чекор.

– Така е, сè се знае. Овде, ако излезете надвор од вашата куќа на 15 минути, ќе бидете фатени од камерите најмалку осум пати. Знам дека на Оксфорд стрит полицајци стојат на околните згради и гледаат сè што се случува. Секаде околу вас се очите и на полицијата и на криминалците. Овде каде што сега седиме е Њу Оксфорд Стрит, а таму подолу се надоврзува Оксфорд Стрит и продолжува сè до Марбл Арч. Тој простор е полн со криминалци и полиција во цивилна облека. Фала Богу и јас никогаш сум немал проблеми со законот, но сето тоа го учиш, се навикнуваш на тоа, не затоа што некаде си го учел, си го гледал, туку животот те научил дека сето тоа е присутно околу тебе.

Да, едноставно го чувствуваш тоа: на прв поглед сè изгледа совршено мирно, а сепак имаш потсвест која ти сугерира дека сè се контролира, дека секој поединец е набљудуван, следен.

– Точно. И сето тоа што ти го раскажав, ти да не беше дел од оваа приказна, да не живееше овде, веднаш ќе речеше: „Ајде, не измислувај, не биди параноичен, ова е слободен град, Велика Британија е демократска земја“. А, во реалниот живот, со секој ден станува се покомплицирано.

Значи разговорот можеме да го заклучиме дека од осумдесеттите не останало ништо, ниту во музиката, ниту во Лондон и дека тие остануваат само во контурите на сеќавањата на нас старците кои тогаш бевме тинејџери. Кога и како завршуваат за тебе златните осумдесетти?

– Завршуваат тажно. Некаде во средината на 91-ва требаше да го фотографирам српскиот крал Александар за интервју за загрепски „Старт“. А ден пред тоа разговарав преку телефон со мојата, сега покојна, мајка и таа ми рече: „Леле сине, овдека работите не се како што треба, Господ знае што ќе се случи“. Мене не ми беше јасно за што зборува. Следниот ден седам јас во фоајето на еден хотел на Нотинг Хил Гејт, со 3-4 познати српски политичари и им кажувам што ми кажала мајка ми, а тие ми велат: „Ма, дај, ништо нема да се случи, луѓето зборуваат секакви работи“. Во тој момент на телевизија гледаме како тенк прегазува автомобил во Словенија. Сите останавме во шок и веднаш отрчавме во собите да видиме што се случува, бидејќи во фоајето немаше тон.

Само неколку месеци подоцна, овде на телевизија прикажуваа некаква репортажа за војната во Вуковар, кој беше тотално разурнат и во еден момент камерата влегува во една куќа и на ѕид од детската соба го гледам мојот постер на Рамонс (Ramones) објавен во Рок. Преку целиот постер беше пројдено со рафал. Знаеш како се чувствував, дури и сега се наежив. Симболично, така за мене завршија златните осумдесетти – со рафал на музиката. А, почнаа со смртта на Тито и советот на Џорџ да останам во Лондон, бидејќи работите во Југославија не одат на добро.

По се изгледа дека Горан Бреговиќ беше во право кога напиша „Кој не слуша песна, ќе слуша олуја“ („Ko ne sluša pesmu, slušaće oluju“)!?

– Изгледа дека така испадна.

                                                                                    Ненад Живановски-Столиќ

                                                                                      („Просвјета“, Загреб)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ