сабота, 19 октомври 2024

„Борба за Влае“ бара од Општина Карпош измени во ДУП-от

Граѓанската иницијатива „Борба за Влае“ смета дека Општина Карпош намерно прави опструкции со тоа што дава само пет дена за увид во планот за Деталниот урбанистички план (ДУП), со цел, како што велат, да ги спречи граѓаните да ги дадат своите забелешки како што направија лани кога имаше рекорден број на преку 700 поднесени анкетни листови на првичната презентација на Деталниот урбанистички план за Месната заедница Влае 2. Тие најавија прес конференција и ги повикаа жителите на оваа населба да присуствуваат на утрешната презентција  на ДУП-от. 

Објавено на

часот

Сподели

Од денот на најавата за повторната презентација жителите на Влае, велат од „Борба за Влае“, ги споделуваат промените во предлог ДУП-от кои ги направи Општина Карпош. Но бидејќи 5 дена се малку за детална анализа, пишување и поднесување анкетни листови бараат од општината роковите за анкети да бидат подолги.

„Дополнително, за разлика од ланската анкета каде на располагање беа 30 календарски денови и можност за поднесување забелешки овој пат не постои таква можност. Тоа е невообичаено бидејќи целта на постоењето на месните заедници е комуникација со локалните жители. Граѓанската иницијатива ‘Борба за Влае’ смета дека Општина Карпош намерно прави опструкции со тоа што дава само пет дена за увид во планот за Деталниот урбанистички план(ДУП), со цел, како што велат, да ги спречи граѓаните да ги дадат своите забелешки како што направија лани кога имаше рекорден број на преку 700 поднесени анкетни листови на првичната презентација на Деталниот урбанистички план за Месната заедница Влае 2“, велат од Иницијативата.

Оттаму посочуваат дека во последниот предлог ДУП општината прифатила некои од нивните забелешки, но некои не.

„Затоа е важно во оваа анкета да бараме да ги променат работите кои ни сметаат, а да ги зачуваат работите кои се добри. Во минатото се има случувано на повторните презентации да се појават жители кои бараат да се вратат првичните предлози за кои се пожалиле граѓаните и општината да ги послуша бидејќи тоа биле единствените барања за таа парцела. Затоа во овој предлог ДУП бараме да се остави игралиштето онакво како што е, а објектот ‘здравствена заштита и образованиеќ или да се тргне или да се специфицира дека ќе биде градинка и да се тргне можноста за 40 отсто да биде со комерцијална намена. Општината има можност да ја пренамени оваа парцела или да ја направи 100 отсто приватна градинка / приватна болница. Истото важи и за најавената градинка до ОУ Димо Хаџи Димов. Затоа е важно ние да побараме тие објекти да бидат 100 отсто јавни или да ги тргнат. Општината често повторува дека во Влае недостига градинка, а на овој ДУП црта две кои имаат можност за пренамена. Да не дозволиме да ја искористат вистинската потреба нашите деца да одат во локална градинка за општината да даде атрактивни плацеви на сопственици на приватни болници, градинки или инвеститори за згради“, велат од Иницијативата. 

За таа цел „Борба за Влае“ ги кани сограѓаните да дојдат на јавната презентација на планот, утре во 13 часот во бараките на Општина Карпош за детално да се информираат за планот.

„Заедно да им дадеме на знаење на општината и приватните планери дека нема да дозволат да се повтори ланската ситуација кога планерите од Билд Урбан изјавија дека сите живееме во град и ако не сакаме да има улици и други содржини, да не живееме во град, но пропуштија да кажат дека со нивниот цртеж баш тие одземаат од улиците и содржините само за нечиј приватен интерес, а не работат за интересот на неколку илјади жители на Влае 2“, велат од Граѓанската иницијатива „Борба за Влае“. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ