петок, 18 октомври 2024
Кристина Пота Радуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Болни искуства и победнички одлуки – како стануваме победници?

На секој од нас може да му се случи да биде повреден и по тоа да му остане лузна. Видлива или невидлива за другите, со последици што можат значително да влијаат на неговиот живот. Некои од нас стануваат чувствителни на одредени луѓе и ситуации и склони кон исти повторни повреди. Други одлучуваат да не чувствуваат и избегнуваат блискост и припадност со други луѓе. Трети одбираат да не размислуваат, прифаќаат да бидат безначајни и да не преземаат ништо.

Повреда и последици

Овие одлуки ги донесуваме свесно или несвесно, со цел никогаш повеќе да не бидеме повредени. Одлучуваме да ги отфрлиме, исклучиме или потиснеме оние делови од себе за кои веруваме дека поради нив сме биле повредени. Тоа е и заедничка мана на овие одлуки – кога отфрламе делови од себе, стануваме ранливи и подложни кон повредување. Кога се откажуваме од делови од себе, на тие места остануваат дупки и повеќе не сме целина. Според теоријата на Гешталт-терапијата, решението е во повторната интеграција, а не во расцепот.

Кинцуги, лузна од злато – шанса да продолжиме понатаму

Различни култури различно се однесуваат кон лузните. Во западните култури, меѓу кои ја вбројуваме и нашата, несовршеностите не се прифаќаат. Тие се прикриваат, а неретко и се отстрануваат со хируршки интервенции. Се тежнее кон естетско совршенство. Во културите на Далечниот Исток на овие работи се гледа поинаку. Во Јапонија се смета дека е многу важно да го разбереме духовното минато или приказна на некого или на нешто, било да е тоа човек, билка или предмет. Од таа причина на лузните се гледа со посебно интересирање, како на нешто што е дел од нас и што нѐ прави автентични и поинакви од другите. Во нив се пронаоѓа убавина и нов квалитет.

Кога ќе скршиме вазна, чајник или керамички сад, најчесто ги фрламе, чувствувајќи бес и жалење поради сознанието дека по лепењето никогаш повеќе нема да изгледаат како порано. Најрадо би ги скриле сите пукнатини и несовршености и би се обиделе скршениот предмет да го поправиме на начин што да изгледа како нов. Древната јапонска вештина кинцуги[1], од друга страна, наместо да ги прикрие пукнатините и лузните, тежнее да ги направи видливи и да ги интегрира во нов предмет, со нови квалитети. Делови од скршениот предмет мајсторски се спојуваат со злато или со друг благороден метал, а резултатот е нешто што е повредно од некогашниот предмет.

Кинцуги може да биде и една од нашите одлуки. Да се прифатиме себеси и внимателно да се занимаваме со себеси, употребувајќи благородни материјали. Да ги интегрираме своите делови по крахот и да продолжиме по својот пат. Во доменот на менталното здравје, психотерапијата ја има истата цел.

Крах, штета и растење

Многумина од нас искусуваат крах и штета кога се многу мали, ранливи и незаштитени. Тоа се случува во развојниот период кога сѐ уште немаме развиени капацитети да се спротивставиме и да се одбраниме и да ги селектираме содржините на кои сме изложени. Капацитетите за селекција и одбрана ги развиваме во тек на животот, а со чувствата се раѓаме. Затоа и непогрешливо урламе од болка и тогаш кога не ѝ го знаеме името. Бидејќи кога на детето му е лошо – лошо му е и тоа се гледа. Тоа се ситуации кога сме изневерени, оставени или несакани; кога сме неприметени и занемарени.

Кога сме мали, апсолутно сме зависни од луѓето покрај кои растеме. Зависни сме од нивното приметување, посветеност и задоволување на нашите потреби. Неопходен ни е простор за себеси, но и добар контакт со нив. Љубовта што ја добиваме или не ја добиваме од нив може во голема мера да нѐ одреди.

Саканите деца и нивната околина

Саканите деца израснуваат во луѓе што се прифаќаат себеси, кои се тоа што се и кои немаат потреба да манипулираат со други луѓе и да влегуваат во „како да“ релации – релации што само изгледаат како она што би требале да бидат (пријателство, емотивна врска, грижа, љубов). Саканите деца се автентични бидејќи растат во автентичен свет – љубовта е љубов, пријателството е пријателство, прегратката е прегратка, а границите се граници. Топлината што ја добиваат, ја понесуваат со себе како олимписки оган и ја делат со другите луѓе. Во нивното присуство е топло и пријатно. Така автентичните деца стануваат свои луѓе, кои умеат да сакаат, да делат и да препознаваат граници.

Несакани деца и нивната околина

Несаканите деца се гладни и неприметени. Урлаат и вриштат за да привлечат внимание, но наместо внимание добиваат казна и болка – затоа што барале да ги задоволат своите потреби. Ова е една од првите сурови лекции што ги добиваат – ако го бараш тоа што ти треба, нема да го добиеш – ќе го добиеш токму она што е најлошо за тебе. Она што е многу важно да го знаеме во врска со оваа порака, а за што несаканите деца главно не се свесни – ова важи само за оние што ни праќаат такви пораки. Не се однесува на остатокот на светот. И тоа е она што ја прави трауматска – можноста несаканото дете да поверува дека се однесува на целиот свет, на сите луѓе што може да ги сретне и кои ќе ги сретнува во текот на животот. На тој начин несаканите деца може да станат луѓе што однапред се откажале од себеси и од задоволувањето на своите потреби. Веруваат дека помалку ќе ги боли доколку трпат и живеат во незадоволство, наместо енергијата што ја вложуваат во трпење да ја претворат во борба за себе. Тие не веруваат дека нивните потреби можат да бидат задоволени, уште помалку дека сега, како возрасни луѓе, можат сами да ги задоволат. Бегајќи од болката со која ги жигосале, бегаат од себе и од своите потреби. Така стануваат манипулативни луѓе што воспоставуваат „како да“ релации и живеат „како да“ животи.

Психотерапијата и работата на себеси

Болката и патењето што сме ги доживеале не мора да бидат наш епилог, туку пролог. Психотерапијата може да биде еден од начините да ги преиспитаме старите одлуки и верувања и да донесеме нови. Да станеме свесни што правиме и како тоа го правиме и да научиме да се прифатиме и цениме себеси. Ова се воедно и цели на Гешталт-терапијата. Кога ќе станеме свесни за заклучоците и одлуките што сме ги донеле врз основа на нашите болни искуства, си даваме шанса да донесеме нови. Да ги прифатиме и да ги интегрираме сите свои делови. Повторно да станеме складна целина, каква што сме и биле кога сме се родиле.

Посебен лак и благородни метали во нашиот животен кинцуги се вниманието, прифаќањето и поддршката. Единствено така можеме повторно да растеме, да примаме и да даваме топлина и љубов. Лузната од несаканоста не зборува за нас, туку за оние покрај кои сме растеле. За нас зборува она што ние како возрасни луѓе го правиме и ќе го направиме за себеси, а потоа и за другите луѓе. За нас зборува олимпискиот огин, за кој се изборуваме да го понесеме, за да го делиме со другите луѓе.

[1] Kintsugi (kintsukuroi), јап. – „спојување или поправање со злато“ е древна јапонска уметност на поправање на скршената керамика со лак направен од злато, сребро или платина во прав. Филозофијата на кинцуги ги третира кршењето и поправката како дел од историјата на предметот, наместо како нешто што би требало да се крие.

Кристина Пота Радуловиќ

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ