„И годинава на големиот празник повторно ќе ја посведочиме светата тајна на крштевањето. На величествените собири покрај нашите води, како што се полни бреговите со верници, така и нашите срца да бидат исполнети со вера, надеж и љубов. Нека Богојавление – Водици ни даде сила, смирение и добра мисла за да се соочиме со сите искушенија кои ни претстојат во годината која штотуку започна и заеднички да работиме на просперитетот на нашата татковина и благосостојбата на сите наши граѓани. Да бидеме грижливи и милосрдни и да си даваме поткрепа едни на други, постојано дарувајќи љубов и ширејќи позитивна енергија“, се наведува во честитката од претседателот Пендаровски.
Честитка до припадниците на православна вероисповед по повод големиот христијански празник упати и претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Нека водата која дава живот, која храни и негува, расте и развива, протече лесно и брзо. Нека биде бистра и моќна. Нека биде силата која ќе нѐ обедини како граѓани, како соседи, пријатели и соработници. Да бидеме заедно и едногласни, придонесувајќи за целта која ја посакуваме и заслужуваме – Република Северна Македонија, напредна, успешна и полноправна членка на европското семејство на народи. Нека овој празник ги растера темните и неизвесни облаци, нека ги облагороди мислите и поттикне солидарност, сочувство и искреност во секој од нас. Мудро, зрело и одговорно да ги надминеме предизвиците што ги носи иднината за да обезбедиме мир, напредок и благосостојба за граѓаните“, се вели во честитката од претседателот на Собранието.
А премиерот Димитар Ковачевски својата празнична порака се очекува да ја испрати од манифестацијата на положување на крстот во водите на реката Вардар, од мостот Слобода во Скопје.
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.