петок, 18 октомври 2024

Блокада на трансферот на руската нафта: шефот на кабинетот на Орбан го обвини Киев за уцена

За да избегне потенцијална енергетска криза, Унгарија ќе настојува до септември да го реши спорот со Украина околу трансферот на руска нафта, соопшти кабинетот на премиерот Виктор Орбан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шефот на кабинетот на Орбан Гергели Гулјаш го обвини Киев дека ја уценува Будимпешта блокирајќи го трансферот на дел од руската нафта преку украинска територија.

Украина минатиот месец му воведе санкции на Лукоил, најголемата руска државна компанија.

Унгарија поголемиот дел од сировата нафта го добива од Русија преку нафтоводот Дружба кој преку Белорусија и Украина стигнува до централна Европа, а половина од тоа количество е од Лукоил.

Овој потег на Киев ги разгневи властите во Словачка и Унгарија, кои тврдат дека блокадата на снабдувањето ја загрозува енергетската безбедност на нивните земји. Двете држави се заканија со судски процес против Киев ако не дозволи испорака на нафтата на Лукоил.

Гулјаш денес на новинарите им кажа дека Украина „необјасниво ги уценува Унгарија и Словачка со прекинот на испораката на нафтата“, алудирајќи дека блокадата на нафтата на Лукоил е одговор на „ставот за мир“ на раководството на двете средноевропски држави.

Орбан, кој се смета за најблизок партнер на рускиот претседател Владимир Путин во Европската Унија, одбива на Украина да ѝ достави оружје за продолжување на конфликтот против Русија. Тој рутиснки ги одложуваше, разводнуваше или блокираше напорите за испраќање финансиска помош за Киев и за воведување санкции против Москва.

Унгарија оваа недела соопшти дека ќе бара интервенција од ЕУ поради блокадата на испораките на нафта, а министерот за надворешни работи работи Петер Сијарто се закани дека Будимпешта која во ова полугодие претседава со Советот на ЕУ, ќе ја блокира исплатата на надоместот на членките на Унијата за воената помош на Украина додека не се заврши конфликтот.

Гулјаш денес кажа дека блокадата на испораките на Лукоил може да доведе до недостиг од гориво, но дека „нема причина за паника“ бидејќи Унгарија уште има резерви. Сепак, како што истакна, „решение мора да биде најдено до септември“.

„Украина не сака возвратно да ја уценува Украина. се надеваме дека ЕУ ќе помогне, но ако не помогне, ќе мораме да бараме други решенија“, наведе Гулјаш.

ЕУ во 2022 го ограничи увозот на руска нафта како одговор на руската инвазија на Украина, но од тие мерки беа изземени Унгарија, Словачка, Чешка и Бугарија за да добијат време да најдат други извори на сирова нафта.

Михајло Подолјак, помошникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кажа денес за Ројтерс дека одлуката на Украина да го прекине транзитот на нафта од руската групација Лукоил во Унгарија и Словачка била во согласност со санкциите на Киев против таа компанија и нема врска со уцена.

„Ситуацијата со прекинот на транзитот на руска нафта преку нафтоводот Дружба во Унгарија и Словачка нема врска со уцена“, порача Подолјак. Тој ги обвини соседните земји дека одат „против линијата“ на ЕУ, која го поддржува Киев во конфликтот со Русија, и им препорача да апелираат до Кремљ да престане да ги напаѓа украинските енергетски и транзитни канали.

Украинскиот енергетски сектор со месеци е под постојани руски воздушни напади и изгуби половина од своите производни капацитети, што доведе до масовни прекини на работата во целата земја.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ