Во интервјуто Гејтс откри нови бројки за тоа колку неговата фондација потрошила во борбата против болестите што може да се спречат и намалувањето на сиромаштијата низ целиот свет. „Подарив над 100 милијарди долари“, вели тој. „Но уште ќе дадам.“
Коосновачот на Мајкрософт и неговиот долгогодишен соработник и познат инвеститор Ворен Бафет го здружија своето богатство преку фондацијата Гејтс, која Бил ја основа со својата поранешна сопруга Мелинда.
Гејтс вели дека филантропијата била дел од неговото воспитување. Неговата мајка често го потсетувала дека „со богатството доаѓа и одговорноста да го споделиш“.
Тој нагласува дека ужива да донира пари – досега околу 60 милијарди долари од своето богатство насочил кон Фондацијата. Што се однесува на секојдневниот животен стил, тој вели дека не чувствува никаква разлика: „Лично ништо не жртвував. Не нарачував помалку хамбургери или помалку филмови“. Секако, сè уште може да си го дозволи приватниот авион и многуте луксузни куќи.
Планира да донира „најголем дел“ од своето богатство, но вели дека често разговарал со своите три деца колку да им остави. Дали ќе бидат сиромашни по неговата смрт? „Не“, одговара тој со насмевка. „Апсолутно ќе бидат добро, иако процентуално тоа не е голема сума.“
Гејтс вреди околу 160 милијарди долари, па дури и мал процент од тоа богатство значи дека неговите деца ќе бидат многу богати.
Гејтс е еден од само 15-те луѓе во светот со богатство од повеќе од 100 милијарди долари, според индексот на милијардери на Блумберг. Тој го даде интервјуто во својот роден град Сиетл, каде што разговараше со новинар на Би-би-си по повод објавувањето на неговата нова автобиографија „Изворниот код: моите почетоци“, која се фокусира на неговото детство и раните години.
Гејтс беше придружуван од неговите сестри Кристи и Либи, со кои ја посетил куќата во која пораснале. Во неа не стапнале со години, а новите сопственици ја реновирале, но братот и сестрите ги одобруваат измените.