среда, 12 февруари 2025

Безмалку два месеци Артан Груби е во бегство

Веднаш штом ги завршам обврските, ќе се вратам дома кај моето семејство. Чист сум како солза. Ова лани на 16 декември го напиша на својот фејсбук-профил поранешниот вицепремиер Артан Груби откако беше објавено дека тој избегал во Косово. Груби оваа „приватна“ посета ја испланирал непосредно пред да почне полициската акција за негово приведување. Тој и натаму е недостапен за македонските правосудни органи, а се претпоставува дека е избеган во Албанија.

Објавено на

часот

Сподели

На 9 декември  Стејт департмент на САД го стави на црната листа поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети. Во соопштението на Стејт департментот пишуваше дека Груби и Беџети биле вмешани во значителна корупција преку примање мито за предмети поврзани со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

На 17 декември, Кривичниот суд му одреди 30-дневен притвор, а следниот ден и Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по него. Груби во Македонија се гони за финансиски малверзации во „Државна лотарија“. Обвинителството отвори истрага против поранешниот вицепремиер Артан Груби и против поранешниот директор на Државната лотарија Перпарим Бајрами за проневери во службата. Постои основано сомнение дека шест лица, меѓу кои и Груби и Бајрами, сториле повеќе кривични дела, меѓу кои и нелегално издавање на лиценци за интернет коцкање, набавка на апарати за коцкање, за прибавена противправна имотна корист во вредност од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво, се истражува и изнајмувањето на објектот во Визбегово…

Неофицијалната информација дека Груби избегал во Драч, во Албанија со албанско државјанство, ја демантираа официјални лица од Тирана.

Груби веќе речиси два месеци не е достапен за полицијата. Тој преку својот адвокат лани во декември побарал укинување на притворот, но Кривичниот суд го одби барањето.

Освен за Државна лотарија и за учество во корумпирани договори со судијата Беџети поврзани со Сашо Мијалков, за Груби во овој период објавени се и други криминални зделки во Министерството за односи меѓу заедниците, со кое тој претходно раководеше.

„На заминување е направена вистинска чистка и не е оставено ништо, дури ни филџани и чаши. Ни голче, ни кош, ни фудбал, ни баскет, ни апарати за кафе… дури ни телефони нема во министерството, чисто да знаат луѓето. Јас како министер немам земска/фиксна линија во кабинетот, затоа што сето тоа кога дојдовме беше растурено. Имало некакви камери поставено во кабинетот, па и тие биле извадени. Попис на инвентар никогаш не е извршен во министерството. Ќе има уште многу кривични пријави. Јас не знам која институција во државата ги прифаќала завршните сметки, бидејќи секогаш кога ја поднесувате мора да поднесете и пописна листа. Ние за првпат правиме попис на финансиски средства и на инвентар. Побаравме ад-хок ревизија и резултатите се толку фрапантни и грозни што ќе мора да одиме на затворена седница на Влада за информацијата за извештајот на ад-хок финансиската ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците. Дефинитивно, Министерството било приватна фирма и ревизијата тоа го покажува“, изјави неодамна Иван Стоилковиќ, актуелниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците. Тој додаде дека нашол и фрапантни сметки од 20-на илјади евра за две ќебапчилници и неверојатни, секојдневни и огромни сметки за кафани и кафулиња и 37 илјади евра подигнати од касата на Министерството, кои никогаш не биле вратени. Последниот скандал поврзан со Груби е најдениот службен џип „бмв“ заборавен во некој авто-сервис.

Последните инфорамции од македонските официјални органи е дека и натаму немаат никакви никакви сознанија за тоа каде е Груби. Али Ахмети, лидерот на ДУИ, партијата на Груби, лани во декември изјави дека не знае каде е Груби и дека тој не побегнал.

И така веќе два месеци.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ