среда, 12 март 2025
Додека се истражувало за наводниот криминал со мазутот

Без мојот мазут нема струја, а ти нема да можеш да се фенираш за на емисија, ѝ кажал Капушевски на новинарка

„Ако јас не носам мазут, нема да има струја, а ако нема струја, ти не можеш да одиш на фризер да се исфенираш за на емисија“, ѝ напишал бизнисменот Ратко Капушевски, поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Спортскиот центар Борис Трајковски на новинарката од Телма, Снежана Лупевска Созен во периодот додека истражувала за наводниот криминал.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние ја продолживме истрагата без оглед дали сме фенирани или не, а таа истрага, благодарение и на наводите од истрагата и на тогашните антикорупционери, заврши во ОЈО ГОКК, кое сега постапува со асистенција на МВР“, напиша Лупевска по вчерашната акција во која Капушевски беше приведен.

Вчера полицијата започна координирана акција против компании и поединци инволвирани во набавка и продажба на сомнителен мазут што претставува сериозна закана за здравјето на граѓаните и животната средина. Освен Капушевски, приведен е и Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко Петрол во истрага за набавка на мазутот за ТЕЦ Неготино и електрани.

Во истрагата што ја водат Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, поврзана со злоупотреби при увоз на мазут, меѓу осомничените е и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство за случајот Адитив. Меѓу имињата кои се споменува и Ерџан Сулкоски, партнер со зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај. Истрага се води и против поранешниот директор на ЕСМ, Адријан Муча.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во декември 2023 година утврди сомнежи за незаконска набавка на мазут за потребите на ЕСМ, за рестартирање на ТЕЦ Неготино од страна на фирмата РКМ и незаконска продажба на ноќни вишоци на струја од страна на ЕСМ.

Според доказите до кои дојде тогаш ДКСК, а во предметот отворен по сопствена иницијатива, вредноста на вкупната набавка изнесува околу 212 милиони евра, а требало да ја изврши фирмата РКМ од Скопје, при што била предвидена количина на мазут за која постои сомнеж дека истата не можела да биде испорачана за многу краток временски период. Требало да бидат набавени околу 195 илјади тони мазут. Дополнително, според јавно изнесените наводи, ЕСМ извршила и продажба на ноќни вишоци на електрична енергија на фирма по цена која била многу пониска од берзанската.

По увидот во потребната документација, ДКСК утврдила дека во тендерската документација на ЕСМ не било барано економските оператори да го докажат техничкиот капацитет за испорака на мазутот, договорите за набавка на мазут со фирмата РКМ биле склучени во вредност која била пониска од понудената, за истата количина, воедно биле пробиени и финансиските планови за јавни набавки на ЕСМ.

Исто така, Комисијата тогаш утврдила дека кон првиот договор за набавка на мазут со РКМ склучен бил анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена. Додека кон вториот договор за набавка на мазут со РКМ, кој иако бил истечен и бил неважечки, бил склучен анекс со цел да се исплатат дополнителни пари, без да се наведе испорака на дополнителната количина на мазут.

Според сметководствената документација на ТЕЦ Неготино испорачаниот мазут од двата договори е со помала количина за околу 18.000 тони, РКМ набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана и прикажал помалку приход во билансите во споредба со договорите за испорака на мазут.

„Утврдени се состојби кои укажуваат на сомнежи за трговија по пат на инсајдерски информации на енергетскиот пазар и за даночно затајување и ерозија на т.н. солидарен данок на добивка од страна на РКМ и сомнежи кои укажуваат на монополско и непријателско здружување на домашниот пазар на мазут, со цел предизвикување пораст на неговата цена, а со тоа и растројство на домашниот пазар на мазут и пораст на цената на електричната енергија на штета на домашното стопанство, граѓаните и јавниот интерес на РСМ“, информираше тогаш членот на Комисијата, Горан Трпеноски.

Комисијата по овој предмет донесе одлука да биде поднесена иницијативи за понатамошна постапка до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Владата, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Регулаторната комисија за енергетика, Управа за јавни приходи и Управа за финансиска полиција.

Ратко Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која во последните години добиваше јавни набавки во вредност од стотици милиони евра.

Неговото име беше поврзувано со контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ