Тој кажа дека секој Албанец би требало да се праша „зошто во Црна Гора пензиите во 2013 беа 30 отсто пониски од нашите, додека сега се 280 отсто поголеми“, пренесува Политико.
Демократите се веќе 12 години во опозиција во Албанија, додека Социјалистичката партија намерава четврти пат по ред да ја предводи земјата по парламентарните избори. Бериша вети дека ќе ги зголеми минималните пензии во Албанија на 200 евра, што е предлог кој социјалистите го одбија на собраниската расправа за буџетот за следната година.
„Тука сум да го повикам секој граѓанин на Албанија денес да си го постави ова прашање: како е можно пензионер во Црна Гора, кој во 2013 примал најмалку 20-30 отсто помала пензија од пензионерите во Албанија, денес да има просечна пензија од 450 евра, што е 280 отсто повеќе од пензијата на албанскиот пензионер? Пензионер во Србија, со слични услови во 2013, денес прима просечна пензија од 440 евра, што е 270 отсто повеќе од албанскиот пензионер.
Ако го поставите ова прашање илјада пати, земајќи го предвид неспоредливото богатство на Албанија во споредба со овие земји и фактот што во 2013 во Албанија пензиите без 20-30 отсто поголеми отколку во овие држави, тогаш сфаќате дека тука станува збор за непростлива, нечовечка дискриминација на овој слој луѓе. Тоа се луѓе кои ја вложиле сета своја енергија до пензионирањето, ги создале материјалните добра на оваа земја, а потоа кон нив се постапува така што им се даваат пензии кои германската влада им ги дава на кучињата во германските семејства – 130 евра. А на мачките 90 или 100 евра. Да, тоа е точно. Значи, колку повеќе го поставуваме ова прашање, појасно го сфаќаме безумното расфрлање на оваа влада со националните приходи“, порача Бериша.
Лидерот на албанската опозиција истакна дека, кога за пензионерите ќе издвоите само 16 милиони евра во буџет од 8,2 милијарди, тоа, според него, значи дека ги оставате на милост и немилост на судбината.