четврток, 26 декември 2024

Бербок ја повика Кина да изврши поголемо влијание врз Русија

Објавено на

часот

Сподели

Од најголемо значење е да не се дозволи каква било испорака на оружје на Русија, како и на таа земја да не ѝ се овозможи употреба на стока со таканаречена двојна намена, истакна шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на заедничката конференција за новинари со својот кинески колега.

Џин Ганг вети дека неговата земја нема да испорачува оружје во кризни подрачја или страни во конфликти. Извозот на стока со двојна намена, како што кажа, ќе продолжи да се проверува во согласност со кинеските прописи.

Стоката со двојна намена, на пример ИТ техниката, софтверот, хемикалиите, може да се користат и во цивилни и во воени цели.

Како и канцеларот Олаф Шолц за време на неговата посета на Пекинг во ноември, Бербок побара од Кина што побрзо да се ангажира на тоа војната во Украина да заврши по мирен пат.

„Таа војна утре може да ја прекине еден човек – претседателот на Русија Владимир Путин. А ниедна друга земја нема толку влијание на Русија како Кина“, кажа германската министерка за надворешни работи.

Бербок укажа дека Кина, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН има посебна одговорност. И токму затоа го постави прашањето – зошто Кина од „агресорска Русија“ досега не побарала „да ја сопре војната“.

Џин Ганг повтори дека Кина „нема да долева масло на огнот“ и дека владата на таа земја се залага за помирување и придвижување на мировните преговори.

Уште за време на посетата на германската министерка на Кина Пекинг објави дека кинескиот министер за одбрана во недела ќе отпатува во Русија. Планирано е посетата да трае до 19 април, а на дневниот ред се и состаноци со претставници на руската војска, соопшти кинеското министерство.

Покрај војната во Украина, Бербок се осврна и на тензиите меѓу Кина и Тајван. Тајван се смета себеси за независна држава, но Кина го смета за дел од својата територија.

Германија, како ни другите западни земји, не го признаваат Тајван како суверена држава.

Бербок апелираше до Кина тој конфликт да се реши мирно „иако имаме многу разбирање за чувствителноста на тајванското прашање“, и „цврсто стоиме зад политиката на една Кина“.

Таа го истакна економското значење на Тајван – околу 70 отсто од сите полупроводници произведени во светот потекнуваат од таму.

„Дестабилизацијата на Тајванскиот мореуз би имала драматични последици за секоја земја во светот и за целокупната светска економија. Доколку конфликтот ескалира, тоа во бранови значително би ги погодило и Кина и Германија како трговски нации“, кажа Бербок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ