понеделник, 21 октомври 2024

Белград: Лага е дека Србија ѝ ги отстапува на Франција своите „мигови“

Лагата дека Србија ѝ ги отстапува на Франција своите „мигови“ е подла, глупава и пуштена за да ја расипе средбата со претседателот на Русија Владимир Путин, изјави потпретседателот на владата на Србија Александар Вулин реагирајќи на тврдењата на одделни руски политичари дека Белград ќе ѝ ги отстапи своите авиони МиГ-29 на Франција од каде ќе завршат во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Непријателите на братството на Русија и Србија не постојат само на Западот, ги има дури и во Русија, а навикнати сме да доаѓаат од Европската Унија и НАТО, но кога ќе дојдат од Русија се изненадуваме од нивната подлост и глупавост. Лагата дека Србија ѝ ги отстапува своите „мигови“ на Франција е подла, глупава и пуштена е за да ја расипе средбата со претседателот Путин“, истакна Вулин кој присуствува на економски форум во Владивосток.

Тој истакна дека Србија две години одбива да ѝ воведе санкции на Русија и одбива да ѝ продаде оружје на Украина, и дека тоа така ќе остане.

„Доколку претседателот (на Србија Александар) Вучиќ сакаше да го издаде вековното братство, би било доволно да направи што било од тоа и би бил миленик на Западот, а не е. Останавме цврст и доследен пријател и сојузник на Русија“, оцени Вулин.

Според него, Србија има најмногу тенкови и технологија од советско потекло во Европа и ништо од тоа не завршило во Украина.

„Србите не се предавници и ги предводи последниот слободен лидер во Европа Александар Вучиќ. Кога следниот пат ќе лажете за нас, сетете се на тоа“, порача српскиот вицепремиер.

Гласините потекнаа од поранешната пратеничка на руската Дума Елена Владимировна Панина која на Телеграм напиша дека договорот на Србија и Франција за набавка на 12 нови повеќенаменски борбени авиони „рафал“ содржи клаузула за трансфер на српските ловци МиГ-29 на Франција, по што би ги добил Киев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ