Белата куќа денеска го отпушти генералниот инспектор за американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), рекле американски официјални лица, еден ден откако неговата канцеларија предупредила дека затворањето на УСАИД од страна на администрацијата на Трамп го оневозможило следењето на непотрошените хуманитарни фондови во вредност од 8,2 милијарди долари.
Белата куќа не даде причина за отпуштањето на генералниот инспектор Пол Мартин, рекол еден од функционерите, кои сакале да останат анонимни.
Генералните инспектори обично се независно финансирани надзорници поврзани со владините агенции и имаат задача да ги решаваат штетите, измамата и злоупотребата. Администрацијата на Трамп претходно избрка повеќе од десетина генерални инспектори, вели АП.
Во понеделникот, канцеларијата на Мартин објави извештај во кој предупредува дека замрзнувањето на сета странска помош и намалувањето на персоналот на УСАИД го оневозможиле надзорот над хуманитарната помош, кој сега е „во голема мера нефункционален“.
Агенцијата сега не може да осигури дека ниту пара од фондовите нема да падне во рацете на насилните екстремистички групи или да залута во конфликтните зони, рекол инспекторот.
Вечерта на 11 февруари, Пол Мартин добил мејл од заменик-директорот на Канцеларијата за претседателски персонал во кој било наведено дека неговата функција како генерален инспектор на УСАИД „е прекината, што стапува во сила веднаш“.
Портпаролот на Канцеларијата на генералниот инспектор на УСАИД го потврдил разрешувањето на Мартин и рекол дека не се наведени причините за неговото отпуштање.
Според американскиот закон, администрацијата е должна да го извести Конгресот 30 дена пред да разреши некој генерален инспектор и мора да наведе конкретни причини.
Канцеларијата на генералниот инспектор на УСАИД, исто така, добила известување дека повеќе немаат пристап до нивните физички простории. Иако администрацијата на Трамп минатата недела ја затвори зградата на седиштето на УСАИД во Вашингтон, на персоналот од канцеларијата на инспекторот му беше дозволено да работи во зградата до вторник.
Во извештајот објавен на 10 февруари, Канцеларијата на генералниот инспектор на УСАИД вели дека намалувањето на персоналот на агенцијата и целосното замрзнување на странската помош го отежнале следењето на потенцијалната злоупотреба од 8,2 милијарди долари хуманитарна помош.
УСАИД е најголемиот донатор во светот. Во фискалната 2023 година САД дале помош од 72 милијарди долари низ целиот свет. Агенцијата е основана во 1961 година за време на претседателот Џон Кенеди. Меѓу другото, таа секоја година донира милијарди долари за ставање крај на сиромаштијата, лекување болести и интервенирање при глад и природни катастрофи.
На 20 јануари, на денот на неговата инаугурација, американскиот претседател Доналд Трамп ги замрзна иницијативите на УСАИД на 90 дена. Потоа вработените во Агенцијата почнаа да се испраќаат на принудно отсуство без плата. Њујорк тајмс, повикувајќи се на извори, напиша дека администрацијата на Трамп сака да го намали бројот на вработените во УСАИД од над 10.000 на 290 – односно за 34 пати помалку.