Белата куќа изјави дека му дава поддршка на Израел во светло на „варварскиот третман“ на Хамас кон израелските заложници, објави Тајмс оф Израел.
„Со оглед на варварскиот третман на Хамас кон заложниците, вклучително и одвратната парада на ковчезите со телата на децата Бибас низ улиците на Газа, одлуката на Израел да го одложи ослободувањето на затворениците е сосема соодветна“, наведе во соопштение Брајан Хјуз, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Тој додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да го поддржи Израел во начинот што ќе го избере да се справи со Хамас.
Израелските власти во неделата соопштија дека го одложуваат ослободувањето на 602 палестински затвореници во рамки на размената со Хамас се додека не добијат гаранции дека „понижувачките церемонии“ што Хамас ги одржува при предавањето на заложниците ќе бидат прекинати.
Хамас потоа објави дека тврдењето на израелските власти за „понижувачки“ церемонии при предавањето на заложниците е „лага и изговор“ за избегнување на обврските што произлегуваат од договорот за прекин на огнот во Газа, и најави дека ќе ги прекине преговорите со Израел преку посредници доколку Израел не ослободи 602 палестински затвореници планирани за ослободување во замена за шесте израелски заложници предадени во саботата.