четврток, 10 октомври 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети стратегии

Познато е дека во земјава нѝ треба базна електрична енергија во периоди на деновите кога нема сонце и ветер. Тоа го почувствуваме и пред неколку дена кога државата купи електрична енергија по берзанска цена и потроши неколку милиони евра кога нема потреба ниту од греење, ни од ладење така што таков недостиг ретко се случува.
Фото: Пиксабеј

А додека го пишувам текстов слушам најнова вест, РЕК Битола во целосен застој, не работи ниту еден блок, а тоа значи нови милиони евра за откуп (увоз) на електрична енергија.

А зошто немаме базна енергија? Затоа што не се спроведуваат стратегиите за енергетски развој на Република Македонија (РМ) што беа направени во минатите неколку децении, а во кои е предвидена изградба на хидроелектрани и гасни когенеративни електроцентрали.

Но, на ниво на државата ние немаме институција која работи сериозно во енергетскиот сектор. А енергијата е крвоток за функционирање на земјата и се употребува во широка област. Првин може да се подели на термоенергетика и термотехника, хидроенергетика, електроенергетика, нуклеарна енергија… Па има подобласти, како на пример во термоенергетиката: термоцентрали (котли за производство на топлина, парни и гасни турбини), мотори со внатрешно согорување и др., а во термотехниката: греење, ладење, климатизација, топлински пумпи…

До јули 2024 година секторот енергетика беше во состав на Министерство за економија со 10 вработени, и мислам дека таму немаше ниту еден инженер за енергетика. Тоа беше катастрофална грешка. А за тоа каква е состојбата во енергетскиот сектор во РМ не треба многу да објаснувам. Се надевам дека во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе се оформи солидна стручна структура и дека состојбата ќе се подобрува.

До скоро имавме Агенција за енергетика на РМ, кoja имаше многу слаба активност, речиси како да не постоеше. Со реорганизацијата на новата Влада, таа агенција треба да се спои со Министерството за енергетика.

Да ги погледнеме државите што произлегоа од поранешна Југославија. Тие ги сочуваа своите институции во енергетскиот сектор и денес имаат солидни резултати. Во Хрватска: Енергетски институт „Хрвоје Пожар“, „Кончар“ – Институт за електротехника, во „Хрватска електропривреда” има солидно одделение за развој. Во Словенија постои Институт „Јожеф Стефан“. Во Србија сите занаеме за институтот за нуклеарни науки „Винча“ во кој се работи во повеќе области меѓу кои и на енергетика. Впрочем, до пред извесно време во одделот за енергетика во МАНУ работеа Јордан Поп-Јорданов, Томе Бошевски и Глигор Каневче, сите тројца беа дојдени од „Винча“. Речиси во сите гореспоменати држави има и доста активни здруженија во енергетскиот сектор.

Дали имаме некоја институција чија дејност е развој на енергетиката? Можеби има исклучоци од експерти поединци вклучени во некои проекти на други земји. Но и да има такви, тоа не е вистинскиот пат во поглед на енергетскиот развој на нашата земја.

Кај нас, наместо научно-технички развој во енергетиката, нѝ тргна работата во отворање на фирми за трговија со електрична енергија, претежно луѓе членови на семејства на политичари на власт. Се врши откуп на државно земјиште по бенефицирани цени и негова пренамена за инсталирање на фотоволтаици итн.

Во минатото во нашата земја порано имаше т.н. Комитет за енергетика кој се грижеше за енергетиката во СР Македонија (не Северна, туку Социјалистичка). Меѓу другото, покренуваше иниицијативи за подобрувања во енергетскиот сектор. Се даваше финансиска поддршка на фирми за проекти за рационално користење на енергијата, денес популарно наречено енергетска ефикасност.

Имаше квалитетни инженери кои работеа во индустријата. Таа не беше на ниво на развиените земји, но сепак имаше резултати. Да ги споменам МЗТ, РЖ „Скопје“, ОХИС, градежни претпријатија со погони за машинство, фабрики од прехранбена индустрија и др. Денес има многу малку такви инженери. Имаше врвни експерти на Машински факултет – Скопје за термотехника и термоенергетика кои имаа и активна соработка со стопанството, а денес речиси нема такви. Појавите на непотизам, вработување по партиска линија и корупцијата си го направија своето. Многу е опаднато нивото на образованието, особено на високото.

Веќе извесно време постојат европски фондови за финансиска поддршка како на пример Horizon Europe. Тоа е рамковна програма на ЕУ за истражување и иновации која за 2021 до 2027 година има буџет од 95 милијарди евра. Најмногу одобрени проекти има во области од енергетиката, особено за енергетска транзиција. Тука не мислам на проекти за политики и мерки на Владата (има и такви), туку за проекти од некои истражувачки институции или компании. Евентуално некоја иновација; проект за подобрување на енергетската ефикасност; проект за подобрување на некоја технологија. Дали имало апликации од некој македонски факултет или од некоја научно-истражувачка институција? Јас не знам дека има нешто такво кај нас. Најверојатно немаме доволно стручен кадар за да состави издржани апликации, но и ако се одобри некој проект, дали ќе има кадар за реализација на тој проект?

Познато ни е дека во РМ има интензивни инвестиции во производство на електрична енергија од обновливи извори, но нам ни треба електрична енергија и кога нема сонце и ветер. Затоа, на крај ќе завршам со насловот на колумнава: базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети стратегии.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

Рајко Пеколски

Во бестрага

Ричард Н. Хас

Поуките и наследството од 7 октомври

Различни перспективи за типот на мултиполаризација

Весна Попоска

Целта (не секогаш) ги оправдува средствата

Стефан Митиќ

Како малите промени можат да направат голема разлика

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ