Во изјавата доставена до медиумите од Претседателството на БиХ најблиската соработничка на лидерот на босанските Срби Милорад Додик наведе дека од сегашната криза може да се излезе само преку искрен и отворен внатрешен дијалог и со поддршка од најблиското опкружување.
„Ги повикувам Србија и Хрватска како потписнички на Општиот рамковен договор за мир во БиХ, заедно со властите на БиХ, да почнат преговори за рехабилитација на Дејтонскиот договор и заштита на уставно загарантираните права на нејзините конститутивни народи, тешко нарушени под маската на правење функционална држава која би одговарала само на еден народ“, напиша Цвијановиќ.
Цвијановиќ со својот повик до Хрватска и Србија да се вклучат во решавањето на кризата во БиХ ги повторува тврдењата на Бања Лука дека кризата е предизвикана од обидите од БиХ да се направи унитарна држава како и од интервенирањето на меѓународната заедница односно постапките на високиот претставник.
Таа во изјавата порачува дека суверенитетот на БиХ може да се обезбеди само преку работата на нејзините тела на власта „без злоупотреба на правото и правосудството и бруталните недемократски методи кои ги преминуваат неизбрани странци“.
Таа додава дека смета дека процесот на „рехабилитација на Дејтон“ би требало да се води „под силното лидерство на администрацијата на претседателот (на САД Доналд) Трамп“ бидејќи смета дека само таа може да се пресмета со „лошото наследство на разните бирократи и глобалистички елити кои со своите интервенции од БиХ направија неуспешен проект“.