сабота, 19 октомври 2024
По одлуката за изградба на ѕидот

Бајден повторно воведе директни депортации на мигранти во Венецуела

Американскиот претседател Џо Бајден донесе одлука за повторно воведување на директни депортации во Венецуела на имигранти со нерегулиран статус, соопшти вчера Стејт департментот.

Објавено на

часот

Сподели

Властите во Каракас прифатија да ги примат своите протерани граѓани, се додава.

Венецуелската влада соопшти дека двете земји „склучиле договор кој овозможува организирана, безбедна и легална репатријација на венецуелските граѓани од САД“.

Пред неколку години Американците ги прекинаа директните летови со кои беа депортирани имигрантите во земјата погодена од голема политичка, безбедносна и економска криза.

„Веќе ги идентификувавме лицата што ги уапсивме и кои ќе бидат депортирани во наредните денови бидејќи не ги исполнуваат условите за легален престој во САД“, изјави за новинарите висок американски функционер, кој не сакаше да биде именуван.

„Оваа одлука покажува дека сме решени секој што нелегално ја минува границата да ги сноси последиците за тоа“, рече тој.

Високиот функционер не кажа кога ќе полета првиот авион и не даде информации за тоа колку луѓе ќе бидат опфатени со одлуката.

Одлуката за депортации се однесува на Венецуелците кои влегле на територијата на САД по 31 јули. За оние кои пристигнале на американско тло пред тој датум, Вашингтон неодамна најави издавање на 500.000 дозволи за привремен престој.

Според ОН, по колапсот на економијата во Венецуела, повеќе од седум милиони луѓе ја напуштиле земјата. Меѓу мигрантите кои редовно доаѓаат на јужната граница на САД, меѓу најбројните се жителите на Венецуела.

Директните депортации во Венецуела беа објавени истиот ден кога администрацијата на Бајден донесе уште една одлука за имиграцијата, онаа за продолжување на изградбата на ѕидот што го започна поранешниот претседател Доналд Трамп на границата со Мексико.

Во четвртокот, Бајден тврдеше дека со закон е обврзан да продолжи да го гради ѕидот и дека „не може да го прекине“ финансирањето иницирано од Трамп бидејќи не успеал да го убеди Конгресот да ги пренасочи тие средства кон други мерки.

„Парите беа наменети за изградба на ѕидот на границата. Се обидов да ги убедам републиканците во Конгресот да ги пренаменат тие средства за нешто друго. Тие не сакаа“, се бранеше Бајден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ