Менито подготвено од искусниот тим на готвачи на хотелот ги вклучува познатите грчка салата, ѕаѕики, тарама, салата од морски плодови, како и саганаки, каламари, сармички од лозов лист, папуцаки, вртена пита и халуми сирење печено во кора. Во рамки на главните јадења што ќе бидат понудени како дел од шведската маса се мусака, ќофтиња во сос од домати, суфлаки и гиро, а изборот на десерти го сочинуваат грчка баклава, парена торта и колачиња со шербет.
Освен што ќе имаат можност да уживаат во грчките специјалитети, присутните ќе се забавуваат и со настапот на „Бузуки бенд“, кој ќе го збогати целокупното искуство со репертоар на најпознатите грчки песни.
Еден од најкарактеристичните елементи на грчката кујна е маслиновото масло, кое се употребува во најголем дел од приготвените јадења. Специфичниот вкус на грчките јадења се должи на употребата на одредени зачини, како оригано, нане, копар, ким и ловор.
Грчката вечер ќе се одржи на 27 октомври со почеток во 20.30 часот во Clover ресторанот на петтиот кат на Лимак, каде можат да се добијат сите дополнителни информации.