понеделник, 21 октомври 2024

Австријците не го сакаат Западен Балкан во ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

Поддршката на Австријците за влез на западнобалканските земји во ЕУ се движи од 16 отсто во случајот на Косово, па до 29 отсто за Босна и Херцеговина, што е воедно и најголемата поддршка за членство на некоја земја од регионот во ЕУ, покажуваат вчера објавените резултати од истражувањето.

Влегувањето на Србија го поддржуваат 24 отсто од анкетираните, 48 се изјасниле против, а 17 отсто кажале дека им е сеедно. Околу 11 отсто од учесниците во анкетата не одговориле на тоа прашање.

Ставот на јавноста за влегувањето на Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија во ЕУ не покажува големи осцилации.

Црна гора со 23 отсто покажува само малку помала поддршка од Србија. Против нејзиното влегување експлицитно се изјасниле 44 отсто од анкетираните, додека дури 21 отсто биле рамнодушни кон тоа прашање.

Поддршка за членството на Албанија во ЕУ даваат 22 отсто, против се 51 отсто, додека во Случајот на Македонија поддршка даваат 21 отсто од граѓаните, а против се 47 отсто.

„Официјална Австрија веќе долго се гледа себеси како уверен заговорник на проширувањето на ЕУ, особено кога станува збор за државите од Западниот Балкан. Меѓутоа населението, речиси веќе традиционално, има поинакво мислење“, изјави генералниот секретар на ОГФЕ Паул Шмит.

Тој кажа дека поддршката за влез на Западниот Балкан во ЕУ во Австрија „веќе со години е помалку или повеќе слаба“ и дека темата на проширувањето на ЕУ кај населението генерално наидува на слаб одек.

ОГФЕ спроведува истражување на јавното мислење за влез на Западниот Балкан и Турција редовно од 2010 година, а сега во анкетата се вклучени и Украина, Молдавија и Грузија, на кои перспективата за членство во ЕУ им се отвори минатата година.

Веќе со години најмал процент Австријци во ЕУ сакаат да ја видат Турција. За членството на таа земја, која е кандидат уште од 1999 година, во најновата анкета се изјасниле само 8 отсто од анкетираните, а против се 71 отсто.

Украина за влез во ЕУ има иста поддршка како Србија, 24 отсто, Молдавија 22 отсто, а Грузија 17 отсто.

Во анкетата било поставено и прашањето за проширување на шенген зоната со Романија и Бугарија. Бугарија во шенгенскиот простор би ја примиле 38 отсто од анкетираните, а Романија 36 отсто. Против се 42, односно 44 отсто.

„Јавното мислење за тоа прашање е поделено и е одраз на политичкиот дискурс. Консолидацијата на Унијата и решавањето на актуелните проблеми во јавноста има јасна предност пред понатамошно ширење на ЕУ“, вели Шмит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ