Според австралиските закони, по 30 години се објавуваат доверливите документи. Така, откриен е доверливиот документ од 1984 година, во кој официјална Канбера, всушност ѝ реферира на официјална Атина за „опасноста врз грчките претставници “ од Движењето за ослободување и обединување на Македонија (ДООМ) во Австралија. Всушност, австралиската влада, на барање на тогашниот грчки амбасадор во таа земја, го истражува „агресивниот потенцијал“ на оваа македонска организација во Австралија, односно ризикот да ги загрози „грчките претставници“. Во истрагата и следењето на македонската дијаспора во осумдесеттите години на 20 век, вклучена е и АСИО, безбедносно разузнавачката агенција на Австралија. Заклучокот на австралиските безбедносни служби е дека „малку е веројатно дека оваа групација претставува безбедносна закана за грчките претставници во Австралија, во овој период“.
Но овој разоткриен доверлив документ, од денешен аспект претставува сведоштво за перманентната опсесивна „претпазливост“ и дејствување на грчката политика во насока на компромитирање на Македонците и воопшто на македонското постоење, дури и во трети земји, каде што и Македонците и Грците се дијаспора, во време кога Македонија својата државност ја има во рамките на југословенската федерација. Ваквите „дипломатски интервенции“ на Грција насочени против македонската дијаспора се случуваат речиси десетина години пред независноста на Македонија и активирањето на спорот за името на државата, кој по 30-ина години заврши со контроверзниот, според меѓународното право, Преспански договор, во 2018 година.
Ј.П.
„До Атина/1984
Од Канбера
Доверливо
Движење за ослободување и обединување на Македонија
1.На 24 ноември, минатата година, грчкиот амбасадор ги изнесе пред Одделот (Департмент) своите грижи околу активностите на МЛУМ (ДООМ). Ќе добиете запис од разговорот во писмо.
2. На 7 февруари му ги пренесовме на амбасадорот следните информации обезбедени од АСИО (ASIO – Australian Security Intelligence Organization) и во договор со нив дека можат да бидат проследени.
„Движењето за ослободување и обединување на Македонија (МЛУМ), повеќе познато по оригиналниот акроним ДООМ е македонска емигрантска организација.
ДООМ е основана во раскол на Македонскиот ослободителен комитет на нивниот светски конгрес во Западна Германија, во април, 1972 година. ДООМ како нивна цел ја исповеда националното ослободување на македонскиот народ, преку сецесија на Македонија од нејзините три окупирани дела и формирање на независна македонска држава. Тоа треба да се постигне со освојување на национална, политичка и културна автономија на Егејска Македонија (Грција) и Пиринска Македонија (Бугарија), пред целосно обединување инкорпорирано во Вардарска Македонија (Југославија).
3. Преку нивната главна организација, „Македонска нација“, ДООМ бара да не се употребува насилство во трети земји. Публикацијата не се појавила во текот на првата половина од 1983 година. Не познато дали воопшто била објавена.
4. Во доцните 70-ти, ДООМ се дели на две фракции во Австралија. Поголемата фракција е проруски ориентирана, додека одделена фракција е поумерена.
5. Во минатото имало наводи за насилни дејствија на членови на ДООМ, но тие наводни активности се однесуваат само на прекршоци во македонската заедница. Нема индиции што сугерираат дека ДООМ би употребил насилство надвор од оваа заедница. Се чини дека ДООМ не е тековно активен. Малку е веројатно дека оваа групација претставува безбедносна закана за грчките претставници во Австралија, во овој период“, се објаснува во доверливиот документ од 1984 година, веќе достапен во Националната архива на Австралија .