„Претседателот на комисијата за европски прашања, Арбер Адеми го погази Собранието и ги лиши од право пратениците да гласаат за амандман поднесен од пратеник на мнозинството. Ваков опасен преседан и злоупотреба не е запаметена, а АСОМ ќе поднесе претставка до Уставниот суд. Погазени и прекршени се сите права и процедури на Собранието. Ова е црн ден за демократијата и последна потврда за сценариото кое со месеци се подготвуваше со цел реализација на бизнис интереси на малкумина. Ваков насилнички државен интевенционизам, не е запаметен, а последиците од овој автократски акт ќе има страшни последици.
Во име на Европската Унија, лулката на демократијата, со европско знаменце се носи закон кој има за цел да ги уништи лиценцираните приредувачи, додека Владата отвора три нови онлајн компании за игри на среќа. Целта е јасна, целосно преземање на игрите на среќа од страна на поединци преку закон скроен и донесен на најкриминлаен начин. На сите треба да им е јасно, овој закон е сè освен подобрување на условите за играчите или заштита на младината.
Почитувани, претставници на Европската Унија во државата, зошто го дозволувате ова? Зошто замижувате пред вакво политички насилство? Ова е последен момент да се вклучите и да го спречите ова што се случува во име на ЕУ. Овој закон е неевропски, недемократски и ваков закон не постои во ниту една земја од ЕУ.
Почитувани пратеници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ , зошто дозволувате вакво недемократско насилие? Дали сте свесни за последиците? Со евентуално гласање на пленарна седница ќе одобрите уништување на животи на работници, отворање на игри во подруми на црно, богатење на малкумина. Во тешка заблуда сте ако сметате дека овој закон ќе донесе нешто добро. Напротив ќе донесе влошување на состојбата со игрите на среќа и враќање барем 20 години на целата индустрија.
Претседателе Пендаровски, ви порачуваме дека не смеете да го потпишете овој закон доколку истиот се изгласа. Бидете барем вие заштитник на правдата и процедурите во оваа држава. Носењето на овој закон и сè што му претходеше е целосно спротивно на сите правни и демократски процедури во една држава која претендира да се приклучи кон ЕУ. Застанете против ова политичко своеволие, поддржете ги оние кои чесно работат и придонесуваат во оваа држава.
Наредните денови ќе донесеме одлуки како понатаму ќе се спротивставиме на носењето на законот, но едно е јасно, овој закон нема да дозволиме да помине“, се вели во реакцијата на АСОМ.