Поради ова Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) на 25 декември 2023 година се обратила до Владата „за изнаоѓање на итно интервентно решение за продолжување на приемниот испит за 9-та генерација слушатели во почетната обука“.
„Жешкиот костен“ префрлен од Владата во АСЈО
Ден подоцна Владата одржала седница и донела заклучок со кој се задолжува АСЈО, спротивно на законот, електронскиот испит да биде спроведен писмено, во хартиена форма.
„Се задолжуваат сите институции кои имаат потреба за одржување на електронски испит, истиот да го спроведат во хартиена форма, со електронски читач без човечки фактор, до завршување на тендерската постапка во Министерството за информатичко општество и администрација. Се задолжува АСЈО читачот и образецот што ќе го поседуваат да го даде на располагање на сите институции на кои им е потребно заедно со лицето кое што е обучено за ракување“, пишува во дописот на Владата испратен до АСЈО, истиот ден по одржувањето на седницата.
Поради ова приемната комисија при Академијата за судии и јавни обвинители била приморана да го смени понатамошниот тек на приемниот испит односно да ги смени датумите на полагање но и роковите во кои комисијата ќе треба да ги провери тестовите на кандидатите.
„Имајќи го во предвид ова решение, на денешната седница, приемната комисија утврди нова временска рамка за понатамошниот тек на приемниот испит, а притоа водејќи сметка да има доволно период Управниот одбор да донесе акт со времен карактер со кој ќе се уреди начинот на спроведување на испитот. За таа цел, ве молиме редовно да ја следите веб страницата, каде што ќе бидете информирани за сите новости“, пишува во известувањето на АСЈО објавено на 28 декември 2023 година.
Писмениот дел буди сомнежи за мешање на човечки фактор
Приемниот испит во АСЈО меѓу другото се состои и од полагање приемен или квалификациски испит кој е најважен испит во проверката на знаењето на правото од страна на кандидатите за судии и јавни обвинители.
Согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители квалфикацискиот испит задолжително се полага по електронски пат.
„Квалификацискиот тест се полага по електронски пат цо цел проверка на знаењето на пријавените кандидати од областа на материјалното и процесното право, меѓународното право, правото на Европската Унија и најзначајните пресуди на Европскиот суд за човекови права“, пишува во Законот за АСЈО.
Целта на ваква предвиденото правило е да се гарантира минимизирање на човечкиот фактор при спроведување на испитот за влез во Академијата.
Никој не кажува дали заклучокот на Владата е законски
На веб страницата на Владата во делот за соопштенија од одржаните седници е објавено дека на 26 декември е одржана седница но никаде нема известување дека токму на оваа седница бил донесен заклучокот кој се однесува на изнаоѓање решение за полагање на приемниот ипит во АСЈО. Иако тоа е владина обврска на официјалната веб страница сѐ уште не е објавен ниту записникот од седницата за да се види кој предложил да биде донесен ваков заклучок, дали и кој дискутирал и кој гласал по ваквиот предлог.
Затоа МКД.мк испрати прашања до Владата и побара одговори на прашањата зошто Владата, а преку Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) досега не ја спровела постапката за јавна набавка на услуги за одржување на електронскиот систем за полагање на испити за потребите на Академијата за судии и јавни обвинители, во која фаза се наоѓа постапката за јавната набавка како и кои сѐ други институции не можат да спроведат тестирање поради неспроведување на тендерот? МКД.мк истите прашања ги испрати и до МИОА.
Прашања испративме и до директорката и заменикот директор на АСЈО, Наташа Габер Дамјановска и Илир Исеини. Нив ги прашавме како ќе продолжи спроведувањето на приемниот испит на кандидатите кога заклучокот на Владата е спротивен на законот, како АСЈО го оценува овој потег на Владата, каков е ставот на АСЈО, дали ова претставува дерогирање на Законот за АСЈО, кој ќе го спроведе оценувањето и крајно, ако реултатите од испитите се обработуваат со електронски читач тогаш зошто во новата временска рамка за приемен испит е дадена напомена дека практичниот испит односно изработката на пресуди или решенија врз база на зададени задачи се прегледуваат од страна на комисија, а не електронски како што тоа се правеше претходно.
И покрај сите овие прашања до објавување на оваа тема не добивме одговор од ниту една од овие три институции.
Искра Опетческа