сабота, 19 октомври 2024

Арсовска поставила директори на училишта кои го немаат положено соодветниот испит, обвинува АА

Алијанса за Албанците (АА) и ВМРО-ДПМНЕ денеска упатија критики за работата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Од АА тврдат дека Арсовска незаконски именувала директори на три среди училишта во градот,а а од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија дека веќе половина година, Арсовска воопшто не се појавила на седница на Градот Скопје за да одговори на прашањата на граѓаните. 

Објавено на

часот

Сподели

Во три средни училишта во Скопје, Данела Арсовска донела незаконски решенија, обвини денеска на прес конференција, Аријанит Река, раководител на секторот образование во Алијанса за Албанците. 

„На 25 април за вршител на должноста раководител во СОУ Кочо Рацин го именувала Т.Б., иако тој не е вработен во ова училиште и не го исполнува условот – положен испит за директор. На 23 мај Арсовска, во гимназијата 8 Септември, на работно место в.д. директор го именува лицето A. Ч. кое исто така нема уверение за положен испит за директор, ниту уверение за познавање англиски јазик. Во средното училиште Арсени Јовков, Арсовска на 18 јули, како в.д. директор го именува Б.З., кој исто така не поседува ниту уверение за положен испит за директор, ниту уверение за познавање на англиски јазик. Кога институциите не ги почитуваат законите, како да очекуваме обичниот граѓанин воопшто да ги почитува? Политичките компромиси на Арсовска некогаш со левицата, а некогаш со десницата, немањето конзистентност и очигледните прекршувања прават голема штета на нашето општество“, рече Река. Алијанса за Албанците верува и смета дека нема компромис со правдата и правото. Продолжуваме да бидеме доследни на нашите позиции и сега во позиција како кога бевме во опозиција. Затоа бараме Министерството за образование и наука да постапи согласно законот. Да се врати законитоста во овие училишта со привремено преземање на ингеренциите на градоначалничката на Град Скопје.

Поради ова Река најави дека Алијанса за Албанците ќе поведе кривична постапка против институцијата и секое лице на раководна позиција, за сите случаи на непостапување од страна на институциите кои произлегуваат од страна на просветниот инспекторат.

А координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје, Марија Андоновска на денешната седница за советнички прашања, ја обвини Арсовска дека веќе шест месеци не доаѓа на седниците на Град Скопје за одговори на прашањата на граѓаните.

Андоновска посочи дека има повеќе од 50-тина прашања од граѓани кои што во овие шест месеци ги собрала од средбите со граѓани, а нема како да и ги постави на градоначалничката, освен на овие седници и на седниците кои што се предвидени за советнички прашања.

„Тоа не се мои лични прашања, тоа се прашања на граѓаните и таа како градоначалник избрана од граѓаните има одговорност и должност да биде присутна тука за да можеме да и ги поставиме истите прашања и граѓаните да добијат одговор. Ако таа не чувствува одговорност од оние што ја избрале, тогаш како истата мисли да формира партија и да ги бара гласовите од истите тие граѓани на кои не им одговара со месеци“, истакна Андоновска.

Додаде дека на овие седници, исто така, се носат одлуки кои имаат финансиски импликации кои се пари на граѓаните, а од друга страна, ниту Советот, ниту граѓаните имаат информации каде завршуваат овие народни средства, а градоначалничката никаде ја нема за да даде одговор.

„На овие седници се носат одлуки, тие одлуки имаат финансиски импликации, тие пари кои што ги предвидуваат одлуките, доколку бидат донесени, треба да се излеат од градската каса. Тоа не се пари ниту мои, ниту на Арсовска, ниту ваши, тоа се пари на граѓаните. За ние да ја донесеме таа одлука, ние мора да дебатираме, мора да ги вкрстиме аргументите и да донесеме најсоодветна и нај правилна одлука. Ние како Совет немаме информации каде завршуваат овие средства, ниту пак можеме да дадеме поддршка, од причина што овие пари не се наши лични туку се пари на граѓаните. Ако истава оваа градоначалничка не го чувствува тоа што јас го зборувам сега како факт, тогаш не знам зошто сеуште седи и ја држи позицијата и го блокира Скопје“, истакна Андоновска.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ