Во соопштението на Народната банка се вели:
Инфлацијата забавува и се очекува нејзино стивнување, без притоа светската економија да западне во рецесија. Сепак, на светско ниво, стапките на инфлација сѐ уште се високи, а ризиците поврзани со геополитичката фрагментација и климатските услови и натаму се едни од клучните ризици со коишто треба да се справуваат носителите на политиките. Во вакви околности, стабилизирањето на инфлацијата и соодветното управување со инфлациските очекувања се од најголема важност за централните банки.
На средбата беа разгледани мерките преземени досега од страна на Народната банка за справување со инфлацијата и за одржување на финансиската стабилност. Гувернерката посочи на сеопфатниот пристап во поставеноста на централната банка, што подразбира реакција преку ликвидноста, каматните стапки и задолжителната резерва. Оваа поставеност е надополнета и со донесените макропрудентни мерки, преку коишто се зајакнува системската стабилност на банкарскиот систем и се придонесува за спречување на прекумерната задолженост на кредитокорисниците. Со ваквата поставеност се овозможува значително забавување на инфлацијата и стабилизирање на очекувањата, како и јакнење на довербата во домашната валута. Овие мерки придонесуваат и за зацврстување на стабилните биланси на банките, што е основа за одржување на стабилноста и создавање простор за справување со можните неповолни промени.
На средбата со заменикот на генералниот директор на ММФ стана збор и за Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ), инструмент којшто обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди, којшто ѝ беше доделен на нашата земја минатата година. Одобрувањето на оваа кредитна линија е резултат на оцената на ММФ дека економијата е стабилна, вклучително платнобилансната позиција, супервизијата на банкарскиот сектор, статистичките податоци и известувањето, коишто се дел од надлежностите на Народната банка.