сабота, 19 октомври 2024
Директорот на ЦУК со тврдење

Ангелов: Рекорден број на шумски пожари предизвикани од земјоделци, сточари, ловџии и криминалци

Од јуни, низ летото па до деновиве, кога имаме продолжено лето и суша, Центарот за управување со кризи – ЦУК, евидентира 2.082 пожари, најмногу во септември, а главната причина е палењето на стрништа, изјави вечерва директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој нагласи дека само вчера имало 52 пожари. Во септември имало 778 пожари на отворено, а во октомври, месец кој е само на половина, дури 454 пожари. Предизвикувачи на шумски пожари се и сточарите кои палат трње за да не го пасе стоката, ловџиите предизвикуваат со петарди, а криминал е и палењето шума за да се откупи поевтино дрво!

Објавено на

часот

Сподели

Во вечерашното гостување на телевизијата Сител, Ангелов посочува и на сушата како фактор за ширење на пожарите на отворено.

„Веќе неколку месеци нема паднато дожд. Повремените врнежи беа слаби. Вегетацијата е многу сува, а дневните температури се сѐ уште високи. Тоа е една од главните причини поради кои што доаѓаше до појава на пожари и беше тешко нивното гаснење. Ако на тоа се додаде и ветрот кој што постојано дува и го менува својот правец, имаме причина повеќе за тешко воспоставување на контрола“, објаснуваше Ангелов според кого, бројките за пожарите се алармантни и несвојствени за овој период од годината.

„Во јуни имавме само 18 пожари на отворено, но, граѓаните ќе се сетат, јуни беше доста врнежлив месец. Во јули пак, 210 пожари, во август 622 пожари, а во септември, што е исто така нетипично, 778 пожари на отворено. Во октомври, заклучно со денешниот ден имаме 454 пожари. Вкупно 2082 пожари од јуни до сега, алармантна состојба“, вели тој.

Во однос на прашањето колку од овие пожари се подметнати, Ангелов кажа дека имаат сомнение за одреден број.

д

„Имаме сомнение за одреден број на пожари дека се подметнати, иако, дефинитивно, моја лична перцепција која што се заснова врз многубројни разговори и со пожарникарите и со локалното население на местата на пожарите, е дека најголем дел настануваат од стрништата, односно, остатоците од житни култури кои што граѓаните ги палеа за да се ослободат од нив, притоа ненамерно предизвикувајќи пожари“, рече директорот на ЦУК.

Вториот момент кој што го идентификувале, дополни, е палење на пасишта од страна на сточарите, кое што го има во помал обем, потоа ловџиите и намерните палежи за изгорените дрва да ги откупат по пониска цена.

„Сточарите намерно ги палат трњата кои што им сметаат на стоката која што напасува таму. Еден нов момент кој што претходно го немавме се и ловџиите, бидејќи во недела се идентификуваа повеќе пожари, некои од ловџиите користат петарди за гонење на дивечот. Притоа, имаме, би рекол непотврдени информации за појава на неколку пожари, но, мотивите, секако може да бидат и криминални, некој намерно да предизвикува палежи со намера потоа изгорените дрва да ги откупи по пониска цена“, вели Ангелов.

На прашањето колку грејната сезона е поврзана со моментот на намери палежи за пониска цена на изгорени дрва, тој ги сподели податоците од МВР за пријави за подметнување на пожари.

д

„Како ЦУК побаравме информации од МВР колку кривични пријави се поднесени последните неколку години. Во 2020 година од МВР се поднесени 22 пријави против сторители, 2021 – 33, 2022 – 17 и 2023 – 20 кривични пријави. Имаме 20 кривични пријави, наспроти 2.082 пожари на отворено. Воедно, постојано апелираме и до превентивната функција и мислам дека МВР се потруди во тој дел да има полиција присутна на терен, но се покажа безуспешно, затоа што на неколку места, како што е скопско Ајватовци, има сведоци кои што тврдат дека оние кои што ги палеле стрништата не се повлекувале дури и по предупредувањето дадено од повеќе граѓани, што значи дека нивниот идентитет е познат“, вели Ангелов.

Во однос на прашањето дали смета дека е потребна поголема едукација на земјоделците и сточарите, или се наоѓаме во ситуација во која тие немаат друг излез бидејќи нема кој да го собере отпадот од нивите, Ангелов рече дека нив не можеме да им се спротивставиме.

„Ние не можеме да се спротивставиме на земјоделците. Порано овие остатоци биле слама со која се хранел добитокот во зимските месеци, сега има помал број на добиток и ретко кој го храни со слама. Се сомневам дека и наредните години земјоделците ќе ги послушаат апелите на државната власт. Лично јас, иако официјално тоа сѐ уште го немам предложено, ќе иницирам да предложиме измена на законот со контролирано палење на стрништата“, посочи тој. 

ц

На прашањето во врска со случувањата во Израел и потенцијалната бегалска криза, Ангелов одговори дека сме подготвени за каков било развој на настаните. 

„Апсолутно сме подготвени за каков било развој на настаните. Ние сме во континуирана кризна состојба на јужната граница со Грција, и на северната со Србија. Така што, и во овој момент имаме зајакнати контроли. Доколку постои опасност од нова бегалска криза, тогаш јас како раководител на групата за процена во која се  членови директори на разузнавачко безбедносната заедница и кризниот менаџмент, ќе ја свикам, ќе ја разгледаме состојбата и може на управувачкиот комитет да предложиме дополнителни мерки за заштита“, рече директорот на ЦУК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ