недела, 23 февруари 2025

Андоновски: Работиме на системи за единствена најава, што ќе го поврзат порталот „uslugi.gov.mk “ со други портали

Формирањето на Министерството за дигитална трансформација беше стратешка одлука, затоа што додека државите во регионот со забрзано темпо чекореа кон дигитализација, дигитална трансформација на процесите во министерствата, во институциите, во јавната администрација, ние некако од 2014/15 како да го заборавивме овој процес, иако претходно бевме лидери во регионот во оваа област, вели Стефан Андоновски, актуелниот министер за дигитална трансформација, во рамки на денешната панел-дискусија, посветена токму на дигитализацијата која веќе станува реалност во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Во овој контекст, Андоновски потсетува на ситуацијата во оваа област која ВМРО-ДПМНЕ ја затекна при доаѓањето на власт, а тоа е една стагнација и катастрофални резултати без никаков напредок, со нешто помалку од 120 услуги на порталот uslugi.gov.mk и тоа услуги кои не се ниту најпотребни за граѓаните, ниту најфреквентни. При тоа, министерот појаснува дека истиот овој портал, од неговото формирање никогаш немал никаква надградба, подобрување, ниту пак бил познат за граѓаните, а уште помалку достапен за лицата со попреченост.

„Мојот пристап беше поразличен. Реков прво да го подобриме порталот, да биде полесен за употреба, попристапен, полесен, достапен за лица со попреченост, да го наградиме во поглед на неговата безбедност, а потоа да го промовираме. Тоа и се случи, во декември месец го промовиравме редизајнираниот портал, кој сега е лесен за употреба. Со новите услуги тој станува првата контакт-точка на граѓаните со администрацијата и мислам дека сè повеќе и повеќе ќе зазема централно место во давањето услуги за граѓаните. Работиме и на системи за единствена најава, коишто ќе го поврзат тој портал со сите други портали кои се покрупни“, информира Андоновски.

Имено Андоновски, како министер настојува институциите кои немаат развиено електронски услуги и коишто се во прва фаза на развивање, тоа да го направат на националниот портал, а оние институции кои се веќе сериозно напреднати и имаат свои услуги на свој портал, да се вмрежат во еден систем за единствена најава. Преку таквиот систем, граѓаните воопшто нема да се занимаваат со тоа на кој портал се наоѓаат, туку ќе можат лесно и брзо да си ја завршат работата. Министерот исто така, ексклузивно најави дека од следната недела порталот ќе се збогати за пет нови услуги и откри дека дел од нив ќе потекнат од Министерството за внатрешни работи.

„По подолго време Македонија е прв пат присутна на настан од таков калибар. За големината на настанот зборува што на истиот говореше Елон Маск, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, бројни претставници како директорот на „Гугл“, директорот на „Амазон“, навистина еден висок калибар на говорници. Имав можност да се сретнам со организаторот на тој настан, тоа се тројца, практично министри од Владата на Обединетите Арапски Емирати, одговара Андоновски, прашан за Светскиот самит на влади 2025 година, на кој беше присутен самиот тој.

Андоновски се радува што моментално се работи на меморандум за соработка со ОАЕ и се надева дека истиот ќе биде потпишан оваа пролет. Тоа според него ќе овозможи размена на искуства и знаења помеѓу двете влади и ќе биде од особена корист за реализација на бројни активности, иновации, а зошто да не и инвестиции од страна на нивните главни компании во ИТ-областа, за која ние имаме исклучително квалитетни кадри и таленти.

„ЕДИХ беше во зачетна фаза кога ние дојдовме на позиција. Еден голем конзорциум од многу квалитетни приватни компании, три универзитети и Сојузот на стопански комори на Македонија, навистина амбициозен план. Претходната влада им ветила дека ќе обезбеди кофинансирање од 50%, јас кога дојдов на позиција во министерството никаде во буџетот не можев да најдам такви средства за кофинансирање, никој не ги предвидел“, вели Андоновски зборувајќи за првиот европски дигитален иновациски хаб.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ