четврток, 25 јули 2024

Андоновски: Прво целосна дигитализација на Управата за матични книги па потоа и на сите услуги

За да постигнеме целосно дигитализација на услугите и сите услуги да бидат достапни преку порталот е-услуги, но и сите да бидат дигитализирани ќе биде потребна целосна дигитализација на Управата за водење на матичните книги, изјави денеска ресорниот министер Стефан Андоновски по средбата со новинарите. Министерот кажа и дека во првите 100 дена од работата на Владата ќе дигитализираат 20 нови услуги. Од нив 10 ќе бидат за бизнисите, а 10 за граѓаните. Тој уште најави дека  Министерството за дигитална трансформација во наредниот период ќе го ревидира Патоказот за дигиталната трансформација со цел да го укине двојството на планови, стратегии, патокази…

Објавено на

часот

Сподели

За да се постигне целосна дигитализација на услугите, рече Андоновски, под надлежност на министерството ќе влезе и Управата за водење матични книги.

„За да постигнеме целосно дигитализација на услугите и сите услуги да бидат достапни преку порталот е-услуги, но и сите да бидат дигитализирани ќе биде потребна целосна дигитализација на Управата за водење на матичните книги. Сметаме дека надлежноста за Управата треба да ја има онаа институција која што во своја надлежност го има регистарот на населението, а по новиот Закон за организација и работа на органите на државна управа ние ја имаме и надлежноста за раководење и дигитализација на матичните книги. Затоа треба Управата да биде под надлежност на Министерство за дигитална трансформација“, прецизира Андоновски.

За тоа, рече министерот, ќе биде консултирана и поранешната министерка за добро владеење Славица Грковска, која заедно со поранешното МИОА ја имаше таа надлежност.

„Во наредниот период ќе разговараме со претставниците на ЕУ во Македонија и сите наши меѓународни партнери. Има голем број на партнери заинтересирани за дигитализацијата во Македонија и мислам дека ќе излеземе со една заедничка национална ИКТ стратегија и национална стратегија за сајбер безбедност што ќе го интегрира и патоказот. Се надевам дека ќе имаме едни и единствени решенија со коишто ќе комуницираме и со Брисел и со ЕУ и со нашите други меѓународни партнери. Програмата на УСАИД, исто така, е заинтересирана во овој дел и мислам дека ќе имаме еден пат и една стратегија по којашто ќе се движиме, а не двојство на планови, стратегии, патокази“, рече Андоновски во одговор на прашање по денешната средба со новинарите.

Министерот кажа и дека во првите 100 дена од работата на Владата ќе дигитализираат 20 нови услуги. Од нив 10 ќе бидат за бизнисите, а 10 за граѓаните.

Како што најави, ќе следи и редизајн и надградба на порталот за услуги за лесна и брза употреба.

„Кажуваме збогум на чекањето во редици, преполни шалтери или вртење на погрешни телефонски броеви. Дополнителните електронски услуги ќе овозможат многу лесно и едноставно  да се завршат сите административни обврски од домот, канцеларијата или во движење. Во наредниот четиригодишен мандат се надевам дека ќе обезбедиме тоа да се прави преку мобилните уреди“, рече Андоновски.

Порача дека во минатото ќе остане концептот на „многу глави, многу функции и многу преклопувања“ и додаде дека на врвот на обврските на Министерството и приоритетна инвестиција ќе биде сајбер безбедноста зашто е основата на која се гради доверба во системите и ја штити приватноста на граѓаните.

„Ќе влеземе во период на брза и динамична дигитална трансформација, ќе работиме ефикасно и ефективно за граѓаните веднаш да ги почувствуваат придобивките од нашите напори. Нашите цели се задоволни граѓани кои користат владини услуги на лесен, брз и ефикасен начин, сузбивање на корупцијата, спречување на одливот на квалитетен кадар, функционални институции, заштитени  податоци и системи и слободен и развиен медиумски простор“, потенцира Андоновски.

Од понеделник најави формирање на нови работни групи што ќе ги изработуваат Националната ИКТ стратегија и Националната стратегија за сајбер безбедност.

„Изработката на стратегиите ќе се потпира на постојните документи што ги имаме, но ќе обезбеди и поголема вклученост на сите засегнати страни меѓу кои меѓународните партнери, коморите, академската заедница. Столбовите на стратегиите ќе ги опфатат главните приоритети, односно  дигиталната поврзливост, ИКТ инфраструктура, дигитални вештини, дигитална влада, дигитализација на бизниси, ИКТ овозможувачи и дигитални иновации“, прецизира Андоновски.

Паралелно, како што посочи, ќе се работи и во насока на надградба и максимална искористеност на  Националната платформа за интероперабилност, развој на Националниот портал за електронски услуги и развој и употреба на електронски услуги за граѓаните.

„Дигитализацијата не е избор, таа е неминовност и нешто што ќе не следи и во иднина. Затоа сме силно мотивирани да ја искорениме корупцијата токму со помош на дигитализацијата“, порача Андоновски.

Во фокусот, додаде, ќе бидат младите и образованието, ќе градиме дигитална иднина и ќе вложуваме во обуките и образованието, ќе промовираме високи стандарди во технолошкиот развој преку насочени инвестиции со цел повторно земјава да ја позиционираме како центар  за технолошки иновации и да биде лидер во регионот во ИТ индустријата.

За дигиталната трансформација на земјава, како што кажа, добра основа даваат ревизорските извештаи.

„Погледнавме три што се однесуваат на ова министерство и со должно внимание ги разгледавме. Имаме и препораки за надминување на околностите, но мислам дека има и основи за некоја друга поголема одговорност и се надевам дека и Обвинителството ќе ги разгледа овие ревизорски извештаи, да видиме како се потрошени парите на граѓаните, а не е гарантирана нивната безбедност. Она што ќе работиме во наредниот период е воспоставување на минимум стандарди за сајбер безбедност што ќе значи дека секоја институција почитувајќи ги ќе може да се заштити себе си, но преку тоа и граѓаните од сајбер напади“, потенцира Андоновски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ