петок, 21 февруари 2025

Кенеди Џуниор: Полот е или машки или женски, ги враќаме здравиот разум и биолошката вистина

Американското Министерство за здравство и социјални услуги вчера ги ажурираше официјалните дефиниции на термините како што се пол, жена и маж, по извршните наредби на претседателот Доналд Трамп со кои се ограничуваат правата на трансродовите лица.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Насоките го повторуваат ставот на администрацијата на Трамп дека машкиот и женскиот се единствените два пола и дека тоа не може да се менува. Тоа беше еден од првите потези на Роберт Ф. Кенеди Џуниор откако минатата недела беше потврден за министер за здравство и социјални услуги.

„Оваа администрација го враќа здравиот разум и биолошката вистина на федералната влада“, рече Кенеди. „Тоа е крај на политиките на претходната администрација кои се обидоа да ја вградат родовата идеологија во секој аспект од јавниот живот“, додаде тој.

Трамп се обидува да стави крај на промоцијата на родовата идеологија, термин кој често го користат конзервативните групи за означување на идеологии кои промовираат нетрадиционални погледи на полот и родот. Активистите за човекови права го сметаат терминот дехуманизирачки и анти-ЛГБТК наратив.

Правата на трансродовите лица се контроверзна политичка тема во последниве години. Неколку републиканци се залагаа за промена на законите за трансродовите лица за време на изборната кампања во ноември. Трамп потпиша серија извршни наредби на својот прв ден на функцијата, ставајќи крај на серијата политики насочени кон промовирање на расната еднаквост и заштита на правата на ЛГБТК+ лицата.

Упатствата од вчера ја дефинираат жената како личност чиј пол се карактеризира со репродуктивен систем со биолошка функција на производство на јајце клетки, а мажот како личност чиј пол се карактеризира со репродуктивен систем со биолошка функција на производство на сперматозоиди. „Полот на една личност, женски или машки, е генетски определен при зачнувањето (оплодувањето) и е видлив пред раѓањето“, се наведува во упатствата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ