УСПС не наведе конкретна причина за оваа мерка, само дека забраната ќе остане во сила „до натамошно известување“.
Оваа одлука беше донесена откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе дополнителни 10% царина за сите стоки увезени од Кина во САД. Неговата извршна наредба го укина претходното ослободување што дозволуваше производи вредни до 800 долари да влезат во САД без да плаќаат царини и даноци.
Овој даночен праг, таканаречениот „де минимис“, беше под лупа во последниве години бидејќи кинеските онлајн продавници како Шеин и Тему масовно ја искористија оваа дупка во законот за да стигнат до милиони американски потрошувачи.
На овие промени брзо реагираше Кина, која најави воведување сопствени царини за одредени американски производи. Од 10 февруари, увозот на јаглен и течен природен гас (ЛНГ) од САД ќе подлежи на царина од 15 отсто, додека суровата нафта, земјоделските машини и автомобили со големи мотори ќе подлежат на царина од 10 отсто.
Трамп во наредните денови треба да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, но трговските односи меѓу двете земји се сè понапнати.
„Промените на Трамп во тарифните правила најмногу ќе влијаат на стоките што претходно биле испраќани директно од Кина во САД откако биле нарачани преку интернет“, рече експертот за трговија Дебора Елмс.
Податоците од извештајот на американскиот Конгресен комитет за Кина од 2023 година покажуваат дека речиси половина од сите пакети што влегуваат во САД преку изземањето „де минимис“ дошле од Кина. Американските власти предупредија дека огромниот прилив на пакети преку ова даночно ослободување ја отежна проверката на стоките, зголемувајќи го ризикот од нелегална трговија.
Би-би-си го контактираше УСПС за повеќе информации за оваа одлука, но засега нема дополнително појаснување.