петок, 18 октомври 2024

Американец прогласен за невин и ослободен по половина век зад решетки

Судија од Оклахома ослободи човек што бил во затвор речиси половина век поради пресуда за убиство извршено во 1974 година.

Објавено на

часот

Сподели

Симонс одлежал 48 години, еден месец и 18 дена, што е најдолго што некој невин човек одлежал во затвор, според податоците што ги води Националниот регистар за помилување.

Глин Симонс (71), кој беше ослободен во јули откако обвинителите се согласија дека клучните докази во неговиот случај не им биле предадени на неговите адвокати, вчера беше прогласен за невин.

„Судот со јасни и убедливи докази утврди дека делото за кое господинот Симонс беше осуден и затворен не е извршено од него“, се вели во пресудата на окружната судијка во Оклахома, Ејми Палумбо.

Симонс им кажа на новинарите дека неговата приказна е „лекција за истрајност и упорност“.

„Не дозволувајте некој да ви каже дека (ослободувањето) не може да се случи, бидејќи навистина може“, рече тој.

Симонс отсекогаш тврдел дека е невин и дека во времето на убиството на Каролин Сју Роџерс во 1974 година бил во родната Луизијана.

Тој и кообвинетиот Дон Робертс беа осудени за убиство во 1975 година и првично осудени на смрт.

Нивните казни беа намалени на доживотен затвор во 1977 година, по пресудите на Врховниот суд на САД во врска со смртната казна.

Робертс беше пуштен на условна слобода во 2008 година, а Палумбо во јули наредила ново судење за Симонс.

Пресудата му дава право на Симонс да добие до 175.000 долари отштета од државата, што според неговиот адвокат тешко ќе ја добие, а Симонс моментално живее од донации додека се наоѓа на лечење од рак, кој му бил откриен откако бил пуштен од затвор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ