Во соопштението од компанијата се наведува дека наградата му беше врачена на генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид, Живко Мукаетов, на манифестацијата конципирана како оскари за работодавците, „Работодавец на годината“, реализирана низ симболиката на 20-годишниот јубилеј на „Вработување.ком“.
Наградите за најпосакуван работодавец се доделуваат врз база на три критериуми: бројот на посети на огласите и на објавите на сајтот „Вработување.ком“, покажаниот интерес од апликантите и јавното анкетно истражување. На манифестацијата беа доделени награди во вкупно 7 категории, а Алкалоид ја доби наградата како апсолутен победник, односно се закити со титулата „Најпосакуван работодавец за 2022 – најпосакувана македонска компанија“.
Како компанија во чија деловна стратегија и во стратегијата за општествена одговорност Луѓето се пред сѐ, Алкалоид ќе продолжи да одржува и да креира високи професионални стандарди во работната средина која претставува кариерен предизвик за сѐ повеќе млади професионалци кои тежнеат својата кариера да ја градат во сопствената земја, се вели во соопштението од компанијата.