сабота, 23 ноември 2024
Суперлига

Алкалоид го изненади Вардар и ја направи трката за титулата поинтересна

Објавено на

часот

Сподели

Ако владееше мислење дека со високата победа над Пелистер, Вардар ја завршил работата за одбрана на титулата, Алкалоид имаше што да каже на таа тема, наметнувајќи се како фактор во борбата за тронот. Само неколку дена подоцна црвено-црните не успеаја да му се спротивстават на амбициозниот дебитант во Суперлигата играјќи некомплетен натпревар, со очајно прво полувреме и многу подобро второ, кое, сепак, не беше доволно за целосен пресврт.

А тој беше неопходен по извонредниот почеток за Алкалоид во мечот во „Автокоманда“, со рано водство од плус три (5-2, 8-5) и максимални 13-7 во 25. минута. Одбраната беше близу совршена, поткрепена од Благојче Трајковски меѓу стативите и на пауза Алкалоид замина со 15-11.

Избраниците на Владо Недановски сфатија дека ѓаволот ја однел шегата и во вториот дел одиграа многу поангажирано. Почнаа со серија од 3-0 и натпреварот веќе доби нов тон, крајно изедначен и не извесен, со тензија во нападите и на двете страни. Мартин Томовски направи неколку важни одбрани и по неколку пропуштени напади за изедначување, Вардар врза нови три гола едноподруго, па во 56. минута првпат поведе, со 21-20.

Искусниот Трајковски се покажа пресуден, бранејќи ги двата следни напада на Вардар, а неговите помлади колеги од нападот комплетираа пресврт. Мартин Серафимов кај Алкалоид, Дејан Манасков кај Вардар со по седум гола беа најефикасни, а Трајковкси заврши со 14 интервенции.

Вардар остана на 21 бод, Алкалоид со петтата победа во низа дојде до 18, колку што има и Пелистер, но тој допрва го игра својот натпревар од ова шесто коло во плеј-оф фазата, на гости кај Тиквеш.

ТАБЕЛА: Вардар 21, Пелистер 18, Алкалоид 18, Тиквеш 10, Бутел 7, Пелистер 2 7, Пролет 5, Охрид 3.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ