Алкалоид во Италија си ја заврши работата и утре само рутински треба да го потврди пласманот во полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп.
„Забележавме една висока и убедлива победа против квалитетен противник. Италијанскиот ракомет е во подем и очекувавме да славиме, но не така убедливо. Момците одигра одлично и очекувам такво издание и во овој овој втор натпревар. Важно е да одиграме добро поради рејтингот на Алкалоид како клуб и на македонскиот ракомет. Фокусот ни е само Бриксен, но знаеме дека два дена потоа следи натпреварот со Пелистер и ги прифаќаме пропозициите и закажаниот термин. Мислам дека не треба предвреме да правиме планови за Пелистер, иако со мислите можеби ќе бидеме во Битола, сакам прво тука да ја завршиме работата. Нема да калкулирам ќе почнеме со најдобриот состав, па во зависност од резултатот ќе видам како ќе менувам“, изјави Лазаров.
Ракометарот Мартин Велковски очекува уште една победа на Алкалоид.
„Не чека реваншот против вицешампионот на Италија. По првиот натпревар резултатот е навистина убедлив, но не доминиравме така во целиот натпревар. Бриксен игра модерен ракомет и не е за потценување. Очекуваме да победиме и ја повикуваме публиката да ни даде поголема поддршка за заедно да се радуваме. Првиот меч се играше во високо темпо и затоа имаше толку многу голови. Ќе се обидеме да ја продолжиме победничката серија во Европа“, изјави Велковски.
Натпреварот помеѓу Алкалоид и Бриксен се игра в сабота од 18:00 часот.