Првата фаза на проектот добила градежна дозвола по успешното завршување на извршниот проект на новиот објект, соопшти управата на пристаништето Драч.
Деталниот проект го изработил конзорциум составен од холандската инженерска фирма Ројал Хасконинг ДХВ и албанската консултантска фирма Абконс, соопшти претходно албанската влада.
Во првите три месеци на 2024 се отвора меѓународен конкурс за изградба на новото пристаниште Порто Романо. Со завршувањето на главниот проект и добивањето развојна дозвола за првата фаза на изградбата, ќе се одржи панел со претставници на НАТО во врска со изградбата на поморската база, која е составен дел од овој стратегиски проект.
Новото пристаниште ќе биде изградено во областа на Порто Романо во северозападниот дел на Драч. Постоечкото пристаниште во јужниот дел на градот ќе се претвори во нов туристичко-станбен проект со марина вреден 2 милијарди евра, а главен инвеститор е фирма од Обединетите Арапски Емирати.
Рокот за завршување на изградбата е 5 години. Исто така се планира пристаништето во Порто Романо со железница да се поврзе со терминал во Приштина и со терминал во Струга.
Тоа го потврди и министерката за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку, која изјави дека паралелно со проширувањето на пристанишните капацитети во Драч се спрема и проширување на постоечката брза сообраќајница Тирана-Драч, изградба на обиколница околу Тирана, како и нова пруга до Приштина.