Едногласната одлука за доделување на наградата на Мухиќ, ја донесе жирито, во состав Мирко Ѓошевски, Денко Скаловски и Сузана Симоновска.
Во своето образложение комисијата, меѓу другото вели, дека академик Мухиќ има добиено бројни признанија во државата и странство.
„За него и неговите дела досега е пишувано, се пишува и ќе се пишува од автори со авторитет и перо. А треба да се има на ум дека квалитативната анализа на опусот на Ферид Мухиќ не е ни малку лесен и едноставен потфат. Станува збор за автор кој е филозоф научник, филозоф поет и писател, филозоф учител и утешител“, се вели во образложението на Комисијата за доделување на наградата за живото дело.
Ферид Мухиќ (1943) е еден од доајените на македонската филозофска мисла. Магистрира и докторира на Универзитетот во Белград, а целиот свој својот работен век го поминува на Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје каде што предава голем број предмети. Под негово менторство се одбранети десетици дипломски, магистерски и докторски трудови од областа на филозофијата. Бил визитинг професор на повеќе универзитети ширум светот, како што се Државниот универзитет на Флорида, Универзитетот Сиракуза во Њујорк, Универзитетот Сорбона 8 во Париз, Меѓународниот институт за исламска мисла и цивилизација од Куала Лумпур и други. Член е на две академии: Бошњачката академија на науките и уметностите (БАНУ), на која и е прв претседател, како и на Европската академија на науки и уметности. Има објавено импозантен број трудови од сферата на филозофијата и на книжевноста, а најзначајните филозофски дела му се од областа на историјата на филозофијата, особено современата филозофија. Застапен е во голем број филозофски и книжевни антологии во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Малезија итн. Преведуван е на англиски, арапски, германски, турски, албански, италијански и други јазици.
Филозофското друштво на Македонија годинава ги востанови наградите „Константин Философ“ во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 24 март 2023 год., а пријавувањето на кандидатите траеше до 1 октомври.
Фото: Филозофско друштво на Македонија