петок, 18 октомври 2024

ДКСК ќе проверува дали Академијата за судии и обвинители го прекршила Изборниот законик

ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе приговор до ДКСК против Академијата за судии и јавни обвинители, со кој се бара да се утврди одговорност за прекршување на членот 8а од Изборниот законик, бидејќи, според партијата, со полагањето на испитите за слушатели во Академијата се продолжува постапката за засновање на работен однос, која во Изборниот период во сите други институции е ставена во мирување. Академијата за судии и јавни обвинители во понеделникот на официјалната веб страница објави известување според кое рокот во кој најрано може да се очекува кандидатите да склучат Договор за вработување со Академијата и да бидат пријавени во Агенцијата за вработување е месец септември. А, А од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за МКД.мк велат дека го примиле приговорот од ВМРО-ДПМНЕ и веќе е оформен предмет по неговите наводи.

 

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатката Ружица Николовска, член на Правната комисија при ВМРО-ДПМНЕ вели дека нејзината партија ќе ги следи, како што рече, прекршувањата за време на изборите и за нив ќе ги извести меѓународните набљудувачки организации како што е ОБСЕ/ОДИХР.

„Согласно членот 8а од Изборниот законик, како и согласно одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси предвидено е дека од денот на донесување на одлука за распишување на претседателски и парламентарни избори, не може да се спроведуваат постапки за нови вработувања, ниту да се даваат откази на вработени во јавните и државните институции, а доколку има отпочнато такви постапки се ставаат во мирување. Сите сме сведоци изминатиов период  дека од страна на Академијата за судии и јавни обвинители беше објавен оглас за прием на нови 130 слушатели на Академијата, при што пред некој ден е донесена временска динамика од страна на Академијата за спроведување на приемниот испит. Зошто е ова важно? Заради тоа што приемот на слушателите на Академијата за судии и јавни обвинители подразбира дека стекнувањето на статус слушател значи вработување, односно засновање на работен однос со Академијата со сите права и овластувања како што следуваат од еден работен однос“, изјави Николовска.

Таа смета дека тоа ќе влијае на изборниот процес и како што потенцира, „наместо Академијата да произведува кадри кои утре ќе ги почитуваат правата и законите, за жал излегува дека Академијата е главниот прекршител на правото во овој момент“.

Николовска вели дека оваа пријава е прв сериозен тест за интегритетот на новиот состав на ДКСК.

Таа бара ДКСК да се отвори случај и согласно своите законски ингеренции да ги преземе сите потребни мерки за спречување на ваквите прекршувања.

А од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за МКД.мк велат дека го примиле приговорот од ВМРО-ДПМНЕ со наводи за прекршување на член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и член 8-а од Изборниот законик од страна на Академијата за судии и јавни обвинители.

„По однос на наведената пријава оформен е предмет од страна на ДКСК. По прибирање на потребната документација во насока на утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, ДКСК, во рамките на своите законски надлежности, ќе донесе одлука која ќе биде јавно објавена“, одговорија на прашањата на МКД.мк од ДКСК.

Академијата за судии и јавни обвинители во понеделникот на официјалната веб страница објави известување за сите кандидати за слушатели пријавени на јавниот оглас за прием во 9-та генерација на почетна обука во кое меѓу другото пишува дека „тековниот приемен испит за прием на 130 слушатели во 9-та генерација на почетна обука имаше застој поради објективни причини кои не настанаа по вина на приемната комисија и Академијата за судии и јавни обвинители“. При тоа во известувањето се објаснува дека тие причини се настанати порди измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители но и поради доцнење на тендерот за избор на фирма за одржување на софтверот за полагање на испитите по компјутерски пат. Во известувањето, Академијата никаде не спомнува дека одлагањето на примениот испит и засновањето на работен однос со кандидатите за судии и обвинители е поради спроведувањето на изборите.

„На седницата, приемната комисија утврди нова ‘Временска динамика за спроведување на понатамошниот дел од приемниот испит’, за која напоменуваме дека е ориентациона рамка и која може да претрпи измени. Имено, иако новиот Закон за Академија за судии и јавни обвинители ги скрати роковите за приговор и жалба против резултатите од квалификацискиот тест и практичниот испит, а воедно приговор и жалба може да се вложи само во случај на техничка грешка со погрешно пресметан збир на бодовите, Академијата очекува правните лекови да предизвикаат мал застој во постапката, а особено од причина што, кандидатите имаат право на тужба против решението на Управниот одбор до Управниот суд и жалба до Вишиот Управен суд, постапки кои согласно Законот за Академија се итни, но имајќи предвид дека се наближува судска ферија можно е повторно да настане мал застој. Рок во кој најрано може да се очекува кандидатите да склучат Договор за вработување со Академијата и да бидат пријавени во Агенцијата за вработување е месец септември“, пишува меѓу другото во известувањето на Академијата.

Агенцијата за администрција на 15 февруари годинава соопшти дека согласно Изборниот законик, а според Решението за распишување избор за претседател на Македонија и Решението за распишување избори за пратеници во Собранието започнатите постапки за вработување на административни службеници се ставаат во мирување.

Според Изборниот законик на три месеци пред изборите забранети се нови вработувања, давање откази на вработени во јавните и државните институции, а доколку има отпочнато такви постапки истите се ставаат во мирување.

Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, а парламентарните избори се закажани за 8 мај годинава.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ