петок, 18 октомври 2024

49 години Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Објавено на

часот

Сподели

Фестивалот речиси пет децении го негува, одржува и го чува богатото фолклорно наследство.

„Изведувачите од сите краишта со голема љубов и очекување се нестрпливи да се појават на сцената, да го прикажат она што го имаат како свое, како своја традиција и музика. Нашата цел, како Фестивал е јасна, да не отстапиме од традиционалното, изворното. Нашата задача е токму тоа. И преку сите теоретски предавања, на Семинарот и практичната работа со новите генерации“, вели Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и уметнички директор на Фестивалот.

Во рамки на Фестивалот, веќе 13-та година се одржува Семинарот за изучување на народните инструменти и песни. Досега, фолклорот го изучувале над 150 учесници од земјава и од Грција, Русија, Србија и Бугарија. Годинава, има 12 семинаристи од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје кои на Семинарот работат од 27 јуни и со програма ќе настапат на првата фестивалска вечер. 

„Семинарот веќе традиционално се одржува и го продолжува оној сон на Пеце Атанасовски за младите генерации да ги изучуваат инструментите“, вели Горан Василески, претседател на фестивалот.

Младите изучувачи на фолклорот се вистинските македонски амбасадори во светот.

„Се надевам дека по овој Семинар, овие идни уметници и репрезенти на нашата музичко-играорна па и фолклорна традиција, ќе заминат со поголемо знаење кое понатаму ќе го презентираат не само во нашава држава, туку и низ цел свет“, вели Горанчо Ангелов од Музичката академија при Универзитетот во Штип, предавач на семинарот и член на Собранието на Фестивалот.

Во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ утре од 11 часот ќе се одржи симпозиумот „Фолклорот во минатото и денес“ и ќе се промовира Зборникот со трудови од 12 стручњаци кои обработуваат теми од фолклористиката, а од 19 часот е свеченото отворање на Фестивалот и првата фестивалска вечер на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. Ќе настапат дел од изведувачите, а на крајот ревијален концерт ќе одржи „Танец“ од Скопје.

В сабота од 19 часот на Рудина, Долнени ќе се одржи втората фестивалска вечер. По настапот на изведувачите, жири-комисијата ќе ги избере најдобрите и ќе бидат доделени Гран-при наградата за најдобри изведувачи и „Гајдата на Пеце“ на најдобриот гајдаџија што ја обезбедува општина Долнени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ