четврток, 26 декември 2024
Дарко Лазаров

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зошто ни е потребен нов модел на економски развој?

Македонската економија во изминатите 32 години од своето осамостојување помина низ повеќе економски циклуси и фази од својот развој без да испорача значителни стапки на економски раст.

Споредено со сите останати земји од поширокиот регион, Македонија има најниска просечна стапка на раст во изминатите три декади што е илустрација дека постоечкиот модел на раст нема капацитет да испорача позначителен економски прогрес кој ќе овозможи забрзување на конвергенцијата на земјата кон нивото на економска развиеност на земјите од ЕУ.

Логичното прашање кое се поставува е – зошто овој економски модел не може да испорача повисоки стапки на раст т.е. кои се главните ограничувања на истиот?

Најпрво, ако ги анализираме изворите на растот преку пристапот на побарувачка ќе констатираме дека најголем дел од растот на БДП се базира на стимулирање на финалната потрошувачка на домаќинствата и на јавната потрошувачка на државата со истовремен негативен нето-извоз. Најголем дел од таа потрошувачка се финансира преку задолжување на државата за што илустрација е континуираниот раст на јавниот долг и задолжување на приватниот сектор и граѓаните што секако се потврдува со трендовите на раст на задолжувањето на приватниот сектор. Истовремено, хроничниот трговски дефицит кој е резултат на неконкурентноста на македонската економија уште повеќе го зголемува надворешниот долг на земјата и го ограничува растот на економијата.

Дополнително, анализата на изворите на растот преку секторскиот пристап укажуваат дека најголем придонес во растот има услужниот сектор и тоа домашните услуги како што се трговијата на големо и мало, угостителски услуги и јавните услуги за сметка на значително помалиот придонес на преработувачката индустрија која треба да биде носител на растот и главен поттикнувач на сите други сектори преку мултипликативните ефекти во ланците на снабдување.

На крај, резултатите од анализата за изворите на растот преку производниот пристап укажуваат дека растот во изминатиот период беше во најголема мера резултат на квантитативните промени кај факторите на производство (труд и капитал), без поголеми квалитативни промени во делот на технолошкиот прогрес и човечкиот капитал.

Сето ова ни покажува дека е потребна промена на клучните постулати и столбови на кој почива постоечкиот економски модел на земјата преку радикална промена на економските политики.

Прво, потребен е поголем фокус кон инвестициите. Државата треба значително да ги зголеми јавните капитални инвестиции и да обезбеди системски мерки за поддршка на приватните инвестиции. Јавните инвестиции треба да бидат насочени кон приоритетни капитални проекти како што е гасификацијата, енергетиката и железничката инфраструктура со цел истата да обезбеди подобри услови за бизнис-секторот. Од друга страна, системската поддршка за приватните инвестиции треба да биде насочена кон производни и преработувачки компании кои имаат извозна ориентација во делот на техничко-технолошка модернизација и унапредување со цел тоа да овозможи поголема конкурентност на странските пазари. Државата треба паралелно да работи и на посериозна поддршка за промоција на македонските компании и македонските производи со цел нивна поголема препознатливост на регионалните и на странските пазари.

Второ, потребно е значително подобрување на квалитетот на образованието и поголеми инвестиции во човечки капитал и иновации. Имено, државата треба да ги зголеми средствата за модернизација и подобрување на образовните услови и инфраструктура, како и поголеми инвестиции во наука и истражување преку поддршка на државните универзитети и истражувачки центри. Тоа секако треба да биде направено во согласност со потребите на бизнис-секторот и индустријата со цел креирање на нови производи со поголема додадена вредност и воведување на технолошко напредни производни процеси кои ќе ја зголемат продуктивноста во компаниите и ќе овозможат поголема конкурентност на домашниот и на странските пазари. Истовремено, државата треба да работи на воведување нови и иновативни образовни модели и концепти како што е дуалниот концепт на стручно образование со цел зголемување на практичните вештини и преку активни иновативни програми во соработка со бизнис секторот да ги поттикнува младите луѓе да се вработат веднаш после завршување на своето образование.

Трето, не помалку важно е јакнење на институционалните капацитети на државата што треба да обезбеди владеење на правото и правниот систем, борба со сивата економија и корупцијата, професионализација на јавната администрација и дигитализација на јавните услуги, како и креирање на поволен и стабилен деловен амбиент за бизнис-секторот како основа за поголема доверба во институциите и помали трансакциони трошоци за домашните и странските инвеститори.

На крај, процесот на интернационализација на економијата подразбира целосно интегрирање кон ЕУ пазарот. За таа цел е потребно забрзување на процесот на ЕУ интеграции, јакнење на институционалните капацитети за поголема искористеност на ЕУ фондовите и исполнување на барањата и стандардите на ЕУ пазарите, како и градење на поволни регионални врски и подобри меѓународни трговски услови.

Се разбира дека сите овие процеси и системски реформи не се ниту едноставни, ниту можат да се случат преку ноќ, но она што е важно e дека истите мора сега и веднаш да почнат и за нив е потребно претходно да се обезбеди широк општествен консензус на сите чинители во земјата, тргнувајќи од креаторите на политики, бизнис-секторот, академската заедница и граѓанскиот сектор.

д-р Дарко Лазаров,

универзитетски професор

КОЛУМНИ

Андреј Мачковски

Преку космичко зрачење до археолошко датирање

Ненад Мицов

Доброволна сексуална работа – мит, сензација или реалност?

Рајко Пеколски

Акционери и реакционери (либерал-капиталистичка бајка)

Кики Стаматојани

„Ништо не се губи, ако барем еден човек се сеќава“

Ристо Цицонков

За некои термини во областа на енергетиката

Љубомир Николовски

НБА еволуција: од Џордан, преку Кари до Јокиќ, Дончиќ и Вембањама

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ