Овие награди, чии номинации се објавуваат ден пред номинациите за Оскар, се доделуваат за најлоши филмови, машки и женски улоги и сценарио.
Првиот филм Џокер со Хоакин Феникс во главната улога, доби Оскар за најдобра машка улога. Овој пат, Феникс беше номиниран за најлош актер во новото дело.
Неговата колешка Лејди Гага е номинирана во категоријата најлоша актерка. Сепак, и покрај критиките, филмот заработи 200 милиони долари.
На листата номинации за Златна малина се најдоа Мегалополис на Френсис Форд Копола, како и филмот Реган за поранешниот американски претседател Роналд Реган.
Златната малина се доделува од 1980 година, номинациите ги избираат 1.000 членови на Фондацијата Златна малина, која е пародија на Американската академија за филмски уметности и науки.
За прием во таа фондација е доволна претплата од 40 долари годишно. Победниците кои вообичаено нема да стигнат до церемонијата на доделување награди ќе добијат златно-жолта скулптура од малина која чини 4,79 долари.
Победниците се објавуваат секоја година еден ден пред доделувањето на Оскарите, наградите на Американската академија за филмски уметности и науки.