четврток, 13 март 2025

Зиба: Хроничната бубрежна болест е тивка и честа, треба редовна контрола

Пациентите кои спаѓаат во ризичните групи, особено со дијабетес и хипертензија редовно да го контролираат здравјето на бубрезите, преку лабараториски иследувања, порача денеска директорот на Специјалната болница за нефрологија – Струга, Јетмир Зиба по повод Светскиот ден на бубрегот – 13 март. Директорот на Универзитетската клиника за нефрологија, доктор Никола Ѓорѓиевски пак, изјави дека од 300 до 350 нови луѓе годишно почнуваат со хемодијализно лекување. Затоа апелира да се подигне свеста за превенција, бидејќи само со превенција може да се успори процесот на прогресија на хроничната бубрежна болест, со нови иновативни лекови.

Објавено на

часот

Сподели

Бубрежните болести, особено хроничната бубрежна болест, нагласи, е тивка и многу често е запоставена и е во пораст.

„Не дава симптоми додека не се изгуби 90 отсто од бубрежната функција. Една лабараторија, проверка на крвна слика, а особено урина, која често пациентите ја игнорираат се особено важни да се види дали нешто се случува со бубрезите. Доколку во урината имаме наод на протеини, албумини што не треба да го има, значи нешто се случува со бубрезите, односно почнува бубрежна слабост. Токму во тие рани стадиуми може да влијаеме со лекарства и да ја намалиме прогресијата на хроничната бубрежна слабост“, изјави Зиба за МИА.

Токму и целта на годинешното мото на Светскиот ден на бубрегот „Дали се вашите бубрези во ред? Откријте рано, заштитете го здравјето на вашите бубрези“, според него, е сензибилизација и подигање на свеста кај населението за здравјето на бубрезите.

„Ако болеста прогресира во петти терминален стадиум, тогаш има две методи на лекување, со хемодијализа и бубрежна трансплантација“, истакна Зиба, подвлекувајќи дека загрижува бројот на заболени во светски рамки, кој е 850 милиони или 10 отсто од светското население, што е 20 пати повеќе од канцерогените болести и е еден вид пандемија.

За здрави бубрези, тој препорачува здрав начин на исхрана, внесување помали количини сол, физичка активност, регулирање на шеќерот во крвта и крвниот притисок, конзумирање вода во соодветни количини, но и претпазливо користење лекови против болки и антибиотици.

„Апелирам граѓаните да водат здрав начин на живот, да конзумираат повеќе вода, да избегнуваат пушење и алкохол, како и непотребно користење лекови, а пациентите со со шеќер и хипертензија да ги регулираат и да прават редовни лакерски прегледи за рано откривање бубрежна слабост“, додаде Зиба.

Во Струшка нефрологија имаат околу 120 болнички пациенти на хемодијализа, најмладиот е околу 20-тина години, а има пациенти што одат на хемодијализа и над 35 години.

По повод Светскиот ден на бубрегот, синоќа Болницата беше осветлена во сина боја, во дворот беа засадени дрвја, а пациентите добија симболични подароци.

Директорот на Универзитетската клиника за нефрологија, доктор Никола Ѓорѓиевски пак, изјави дека од 300 до 350 нови луѓе годишно почнуваат со хемодијализно лекување. Затоа апелира да се подигне свеста за превенција, бидејќи само со превенција може да се успори процесот на прогресија на хроничната бубрежна болест, со нови иновативни лекови.

„Ние во иднина треба да работиме што повеќе да го зголемиме бројот на бубрежна трансплантација, бидејќи бубрежната трнсплантација овозможува квалитетен живот, целосна социоекономска рехабилитација и исто така, еден од најевтините начини на лекувње на оваа ранлива група“, подвлече директорот.

Ѓорѓиевски потсети дека на хемодијализа одат и постари, но и помлади луѓе, што значи дека „нема ограничување во однос на раса, возраст, пол, нација“.

„Сите пациенти и секоја воразсна група и популација, може да биде подеднакво афектирана од овој тип на заболување“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој информираше дека вкупно 1.600 пациенти во нашата држава одат на хемодијализа. Околу 170 лица чекале бубрежна трансплантација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ