„Во текот на март, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 825 пријавени лица. Тие во вкупниот број заболени во месецот учествуваат со 57,7 отсто, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 58,5 проценти. Во однос на претходниот месец февруари, е регистрирано зголемување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 24,8 отсто, додека во однос на месец март 2023, е регистрирано намалување за 9,4 проценти“, наведува ИЈЗ.
На второ место по бројот на пријавени заболени во март е големата кашлица.
Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции – без ХИВ/СИДА, регистрирани се 19 заболени лица. Пријавени се девет случаи на сифилис, шест случаи на вирусен хепатитис Б, три случаи на вирусен хепатит Ц и еден случај на инфекција со хламидија.
Пријавени се четири случаи потврдени на ХИВ и два на СИДА во текот на март. Од потврдените случаи, петмина се мажи и една жена, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 44 години.
„Регистрирани се и шест случаи на вирусен хепатитис Б и три случаи на пневмококна инфекција со дијагноза на пневмококен менингитис, кои според возраста не подлежат на имунизација согласно Kалендарот за задолжителна имунизација и не се вакцинирани против овие болести. Дијагнозата е потврдена лабораториски“, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Пријавени се и два случаи на заразни заушки и тоа кај ќовек постар од 60 години кој не бил вакциниран и кај дете во возрасна група од 5 до 9 години кое било вакцинирано.
Во текот на март регистрирани се и случаи на шуга кај странски државјанин од Турција и инфективна мононуклеоза кај странски државјанин од Косово.