Тој забележа дека лани при посетите на Свети Николе, земјоделците од него побарале новите договори за закуп наместо на пет да бидат на 15 години, а исто така и надоместокот на закупнината, да биде ист како во 2008 година кога ги склучиле првите договори. Николовски потенцира дека на овие барања на земјоделците им е излезено во пресрет и се направени законски измени.
„На последниот состанок со земјоделците во Свети Николе, на кои први им истекуваат договорите заедно потпишавме петиција, односно тие изразија поддршка и на министерот и на министерството во поглед на продолжување на овие договори, односно на редовната постапка, којашто треба да се спроведе и ние таа постапка ја спроведуваме. Разговаравме со државното Правобранителство, завчера јас лично бев на состанок. Разговаравме со Секретаријатот за законодвство и со останатите институции и лично сметам дека нема пречка и во овој период, кога имаме распишани избори, заради тоа што продолжувањето на ваков тип договори, воопшто не е забреното со Изборниот законик. Заради тоа што не станува збор за располагање, туку станува збор за закуп и за користење на државно земјоделско земјиште од страна на исти физички лица и верувам дека како доаѓаат роковите така и во следните месеци истите договори веќе ќе бидат на Владина седница и ќе бидат процесуирани“, вели Николовски.
Тој истакна дека од страна на министерството поголем дел од документите се веќе подготвени и се закачени на системот е-влада, на кои се собираат мислања и по што ќе се донесат согласности од страна на Владата, а потоа какошто рече Николовски согласно Законот за земјоделско земјиште министерството ќе ги склучи договорите за закуп на земјиштето со земјоделците од Овчеполскиот регион. Николовски додаде дека во Собрание има и пакет за измени за Законот за земјоделско земјиште, со цел да им се излезе во пресрет на земјоделците.