Украинскиот лидер рече дека Европа не може да ја исклучи можноста дека „Американците би можеле да ѝ кажат „не“ на Европа за прашања што ѝ се закануваат“, и истакна дека многу лидери долго време зборуваат дека на Европа ѝ е потребна сопствена војска.
„Навистина верувам дека дојде време за тоа“, рече Зеленски, додавајќи дека „мора да се создадат вооружени сили на Европа“.
„Украина никогаш нема да прифати договори склучени зад наш грб без наше учество, а истото правило треба да важи за цела Европа“, рече Зеленски, мислејќи на телефонскиот разговор меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин.
Трамп по тој разговор рече дека тој и Путин најверојатно ќе се сретнат наскоро за да преговараат за мировен договор за Украина. Трамп подоцна го уверуваше Зеленски дека и тој ќе има место на масата за да се стави крај на војната што ја започна Русија во 2022 година.
„Пред неколку дена, претседателот Трамп ми кажа за неговиот разговор со Путин. Ниту еднаш не спомна дека на Америка ѝ треба Европа на маса. Тоа кажува многу“, додаде тој. „Помина времето кога Америка ја поддржуваше Европа едноставно затоа што таа отсекогаш го правела тоа“.
Истакнувајќи го присуството на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во публиката, Зеленски рече дека неговата идеја „не е замена на Алијансата“.
„Станува збор за тоа да го направиме европскиот придонес во нашето партнерство еднаков на американскиот“.