„Се разбира, САД, и претседателот Трамп и земјите од Европската унија веруваат дека дипломатијата е невозможна без Русија, без Путин. Затоа реков: Подготвен сум ако имаме разбирање како ќе заврши оваа војна“, изјави Зеленски за новинарите во Киев, пренесе Интерфакс Украина.
Кога станува збор за Трамп, Зеленски истакна дека сè уште нема официјален план и дека е сигурен дека тоа што е објавено во некои медиуми не е официјалниот план на американскиот претседател, објави Киев Индипендент.
Зеленски посочи дека има разбирање за насоката на планот, откако разговарал за некои детали со американските претставници пред инаугурацијата на Трамп.
„Нашите тимови ќе работат заедно, не може да има план одвоен од никого, дури ни од Соединетите Американски Држави. Да ги почекаме официјалните преговори и официјалните резултати“, рече Зеленски.
Според медиумите, планот на САД ќе биде претставен на Минхенската безбедносна конференција што ќе се одржи од 14 до 16 февруари, но претставникот на Трамп за Украина Кит Келог го демантираше ова, наведувајќи дека Трамп прв ќе го претстави планот, без да даде временска рамка.
Претставникот на Трамп рече дека Трамп ќе бара решение прифатливо и за Зеленски и за Путин.