Во своето вечерно видео обраќање, Зеленски рече дека руските сили испраќаат севернокорејски трупи во битка со минимална заштита и дека Севернокорејците преземаат екстремни мерки за да избегнат заробеништво.
„Нивните загуби се значајни, многу значајни. Гледаме дека ниту руската армија, ниту нивните севернокорејски надредени немаат никаков интерес да обезбедат Севернокорејците да преживеат. Сè е организирано така што е невозможно да бидат заробени. Има случаи кога нивните сили ги погубуваат“, рече тој.
Украинските и западните разузнавачки извештаи велат дека има околу 12.000 севернокорејски војници во Курск, рускиот пограничен регион каде што со упадот во август, украинските сили држат делови руска територија.
Претходно оваа недела, Зеленски рече дека повеќе од 3.000 Севернокорејци биле убиени или ранети.
Тој рече дека украинските сили успеале да заробат неколку севернокорејски војници, но дека тие „се тешко ранети“ и дека „не било можно да им се спаси животот“.
Зеленски нагласи дека Севернокорејците „не треба да ги губат животите во битките во Европа“.
„Ако Кина е искрена во своите изјави дека војната не треба да се прошири, таа мора да изврши соодветен притисок врз Пјонгјанг“, рече тој.