Зборувајќи на прес-конференција заедно со турскиот претседател Реџеп Ердоган во главниот град на Турција, Анкара, украинскиот претседател рече дека денеска тие двајца детално разговарале за глобалните процеси „што би можеле да доведат до крај на оваа војна“.
Тие разгледувале различни перспективи, рече тој, и додаде дека е „фундаментално важно секој разговор за крајот на војната да не се случи зад грбот на вклучените страни“.
Зеленски рече дека Украина мора да биде вклучена во какви било мировни преговори: „Украина, Европа во широка смисла – а тоа ги вклучува и Европската Унија, Турција и Велика Британија – треба да бидат вклучени во разговорите и развојот на неопходните безбедносни гаранции со Америка“.
„Сакаме сè да биде фер и никој ништо да не одлучува зад нашиот грб… Не бевме поканети на тој руско-американски состанок во Саудиска Арабија. Тоа беше изненадување за нас исто како и за многу други луѓе. За тоа дознавме од медиумите“.
За траен мир, рече тој, „важно е да не се прават грешки“.
За територијата на Украина, тој рече: „Колку и да ни е тешко, Украина нема законски да ги признае деловите окупирани од Русија. Истокот е наш, Крим е наш и сите други градови и села што ни се важни“.
„Знаеме дека САД и неколку европски партнери не го поддржуваат нашето членство во НАТО. Мислам дека тоа е голема желба на Русија, која се совпаѓа со овој резултат“.
Тој, исто така, рече дека ја одложил посетата на Саудиска Арабија – која требаше да се одржи оваа недела – до 10 март.
Ердоган: Територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се „неоспорни“
Седејќи покрај украинскиот претседател Зеленски, турскиот претседател Ердоган понуди да биде домаќин на можни идни мировни преговори во Турција меѓу Русија, Украина и САД.
Изнесувајќи го ставот на Турција за условите за мир, Ердоган на прес-конференцијата рече дека територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се „неоспорни“.