Зеленски истакна дека Украина не сака повторување на искуствата од мировните договори и преговори кои не донеле резултати во годините кои претходеа на целосната инвазија на Москва во февруари 2022 година. Тоа, како што кажа, подразбира воспоставување безбедносни гаранции.
„Замрзнат конфликт ќе доведе до нова агресија повторно и повторно. Кој тогаш ќе освојува награди и ќе влезе во историјата како победник? Никој, Тоа би бил апсолутен пораз за сите, и за нас, што е важно, но и за Трамп“, кажа Зеленски за ИТВ.
„Тој не треба само да ја заврши војната. Мора да дејствува така за (рускиот претседател Владимир) Путин повеќе никогаш да не добие прилика да војува против нас. Тоа е суштината и сите тоа би требало да го препознаат. Тоа би била победа“, додаде Зеленски.
Тој ја повтори својата спремност за преговори со Русија за завршување на војната, под услов западните сојузници на Украина – САД и ЕУ – да бидат вклучени во процесот.
„Кога би имал уверување дека Америка и Европа нема да нè напуштат, дека ќе нè поддржат и ќе ни пружат безбедносни гаранции, би бил спремен на кој било формат на преговори“, кажа тој.
Во интервјуто Зеленски повторно ја отфрли можноста за одржување избори во Украина додека траат борбите, истакнувајќи дека тоа би ја загрозило земјата со укинување на клучни одредби од воената состојба. Путин, од друга страна, тврди дека Зеленски нема легитимитет за преговори бидејќи остана на функцијата по истекот на мандатот.
„Би морале да ја суспендираме воената состојба, а ако ја суспендираме, ја губиме војската. И, всушност, Русите би биле пресреќни. Тоа би ја загрозило нашата воена способност, моралот и многу друго“, кажа Зеленски.
Трамп во петокот изјави дека веројатно ќе се сретне со Зеленски следната недела за да разговара за завршување на војната. Њујорк пост за време на викендот објави дека Трамп разговарал телефонски со Путин за завршување на војната, но портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека не може ни да го потврди ни да го негира тој извештај.