„Во моментов, според законот, мобилизацијата се однесува на граѓани на возраст од 25 години и постари. Мобилизацијата е во тек и обезбедува доволен број луѓе“, изјави Зеленски на италијанската новинарка Сесилија Сала во интервју за италијанскиот весник Ил Фољо.
Зеленски призна дека има барања да се пуштат украинските војници дома, но истакна дека сегашното законодавство не го дозволува тоа. „Сегашната ситуација подразбира мобилизација на луѓето и сите расположливи ресурси во земјата – апсолутно сè“, објасни тој.
„За жал, тоа е предизвикот на оваа војна и затоа е важно да се стави крај што е можно поскоро, да се принуди Русија да запре. Денеска се браниме. Ако утре само половина војска си оди дома, тогаш можевме да се предадеме уште првиот ден. Тоа е реалноста. Ако утре половина од нашите луѓе го напуштат бојното поле, Путин ќе нѐ убие сите“.
Инаку, на барање на претседателот, украинскиот парламент ја продолжува вонредната состојба и општа мобилизација во Украина од февруари 2022 година. Како резултат на тоа, вонредна состојба и мобилизација се во сила во Украина речиси три години, од почетокот на целосната руска инвазија.
Украинскиот парламент на 15 јануари гласаше за предлог-законите за продолжување на вонредната состојба и мобилизација во Украина од 8 февруари до 9 мај 2025 година.